Премиерот Мицкоски ќе учествува на Самитот на Европската политичка заедница во Будимпешта
Случувањата во Украина и на Блискиот Исток ќе бидат главни теми на денешниот петти Самит на Европската политичка заедница во Будимпешта, на кој ќе учествува и премиерот Христијан Мицкоски.
На собирот, чиј домаќин е унгарскиот премиер Виктор Орбан, е најавено учество на 47 шефови на држави или влади од Европа, како и на делегација на ЕУ, што ќе ја сочинуваат претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
Во пресрет на Самитот се појавија информации дека Орбан на маргините на собирот ќе организира средба на Мицкоски со бугарскиот претседател Румен Радев, но македонскиот премиер вчера изјави дека таква средба не е договорена, но дека е подготвен за разговори.
- Подготвен сум да разговарам со секого, секаде, врз основа на вистински договор што ќе не однесе до целта, е не да го направиме само првиот чекор, рече Мицкоски.
Подготвеност за разговори Мицкоски искажа уште кон средината на минатиот месец, кога некои медиуми ја најавија можноста за средба Мицкоски-Радев во Будимпешта.
- Не мора да биде тоа Будимпешта, може да биде каде било, да седнеме, да разговараме и да најдеме решение кое ќе биде решение на долг рок и кое ќе гарантира Копенхашки критериуми, ќе гарантира права и ќе гарантира успех во процесот на преговори, рече тогаш Мицкоски.
Инаку, на денешниот Самит во Будимпешта предвидено е да стане збор за главните безбедносни предизвици што ја засегаат Европа, предизвикани од тековните конфликти, пред се руската агресија врз Украина и актуелната ескалација на насилството на Блискиот Исток.
Покрај ова ќе се одржат и посебни сесии посветени на миграцијата, приливот на илегални мигранти и нивната инструментализација, на економската безбедност, како и на прашања за поврзаноста на енергијата, транспортот, информатичката технологија и глобалната трговија.
Покрај пленарните сесии на маргините на форумот се предвидени и билатерални средби на учесниците.
На Самитот, покрај земјава, се поканети и останатите пет држави од Западниот Балкан, 27-те членки на ЕУ, како и Андора, Азербејџан, Велика Британија, Ерменија, Грузија, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Монако Норвешка, Сан Марино, Турција, Украина и Швајцарија.
Во поканата за учество на Самитот се нагласува дека тој се одржува во време на реалност обележана со повеќе кризи.
– Руската агресивна војна против Украина влегува во третата година и продолжува да беснее. Насилството со човечки жртви се повеќе се разгорува низ Блискиот Исток и се заканува дополнително да ескалира. Конфликтите и нестабилноста се во пораст и во Африка. Нерегуларната миграција и нејзината инструментализација претставуваат дополнителен предизвик за Европа. Глобалната економија повторно се движи кон фрагментација што влијае на нашите економски модели, се наведува во поканата.
Сето ова, се додава, ги ставаат на ризик мирот, стабилноста и просперитетот во европскиот регион.
– Убедени сме дека одлуките што ќе ги донесеме за справување со овие кризи ќе ја одредат нашата иднина во наредните децении, се вели во поканата.
Одлуката за создавање на Европската политичка заедница беше донесена на Самитот на ЕУ во јуни 2022 година, со цел да се здружат земјите на европскиот континент, да се поттикне политичкиот дијалог и соработката меѓу низ за прашања од заеднички интерес и да се зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот во Европа, во услови на драматичните последици од руската агресија врз Украина.
Овој формат е замислен како платформа за политичка координација и не претставува замена за ниту една постоечка организација, структура или процес и во оваа фаза нема намера да прерасне во нова организација, структура или процес.
Првиот Самит на Европската политичка заедница се одржа во Прага во октомври 2022 година и на него главно се разговараше за мировните и безбедносните прашања поврзани со војната во Украина и енергетската криза што таа ја предизвика. На Втората средба на врвот во Кишинев во јуни 2023 година се разговараше за заедничките напори за мир и безбедност, енергетска отпорност и за поврзувањето и мобилност во Европа. Третиот самит се одржа во Гранада во октомври 2023 година, на кој лидерите разговараа како Европа да се направи поотпорна, просперитетна и геостратешки позначајна. Четвртата средба на европските шефови на држави или влади се одржа во јули годинава во замокот Бленхајм крај Оксфорд и на неа се дискутираше за одбраната, заштитата на демократијата, миграцијата, енергијата и поврзаноста.
Ново на Сител
-
По изборот на Трамп, Техеран се надева дека САД ќе ги преиспитаат „погрешните пристапи од минатото“
-
Царинска управа: Спречени обиди за криумчарење на стоматолошки инструменти, импланти за гради, цигари, фалсификувана стока
-
Дел од Општина Карпош без вода
-
Приведени двајца криумчари на мигранти
-
„Македоина Делије Радовиш“, го утнаа името на земјата од каде доаѓаат | ФОТО
-
Пожар во магацин на Железници во Кисела Вода, горат стари вагони | ФОТО
-
Австралија предлага забрана на социјалните мрежи за помлади од 16 години
-
Бајден брза да испрати помош за Украина пред инаугурацијата на Трамп