Преку забрана за извоз и поголем број инспекциски надзори до пониски цени на пелетите и огревното дрво
– Надлежните преку забрана за извоз до крајот на годинава и зголемен број инспекциски надзори на продажните места се обидуваат да го спречат неоправданото зголемување на цените на пелетите и на огревното дрво во пресрет на новата грејна сезона.
По реакциите од граѓаните дека нема на што да се греат во претстојната грејна сезона, Владата неодамна донесе одлука до крајот на годинава да се ограничи извозот на огревно дрво и пелети и најави зголемени инспекциски контроли во продажните места за пелети во кои ќе се проверува дали компаниите намерно ги кријат за да ги продаваат поскапо во зимскиот период. На 63-тата седница на Владата, одржана 20 јули годинава, на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) му беше наложено да се направат вонредни инспекциски надзори на трговци со пелети, со цел да се утврди продажната цена, капацитетите и достапните количини на пазарот.
ДПИ за само една недела откри седум неправилности кај трговците со пелети
Директорот на ДПИ Анета Симеска Димоска за МИА информира дека во периодот од 22 до 28 јули годинава имаат извршено вкупно 131 вонреден инспекциски надзор на трговци со пелети на целата територија на државата при што е утврдено дека продажната цена на пелетите се движи од 15 до 26 денари за килограм, со маржа од 8 до 65 отсто, и од 220 до 390 денари за вреќа од 15 килограми, односно маржа од 10 до 40 отсто зависно од типот на пелетите. Вкупната залиха на пелети кои ја утврдиле инспекторите изнесува 5.696.600 килограми, а капацитет на производство е утврден кај осум субјекти.
– Во овој временски период при инспекциските надзори утврдени се вкупно седум неправилности, за што се изречени соодветни санкции согласно големината на субјектот, рече Симеска Димоска.
Како што кажа, кај правно лице од Скопје е утврдено дека евиденцијата во трговијата не се наоѓа во деловната просторија каде што се врши трговија, за што е изречена глоба од 200 евра за правното лице и 40 евра за одговорното лице во правното лице. За правно лице од Охрид се издадени два прекршочни платни налози – глоба во износ од 240 евра во денарска противвредност, бидејќи евиденцијата за набавка и продажба на стоките во трговијата на мало не се наоѓа во продажниот простор. На правно лице од Струга му е изречена глоба во износ од 120 евра во денарска противвредност зашто нема пријава за исполнување на МТУ за објектот. За истата причина е казнето и правно лице од Штип. Глоба од 200 евра за правното лице и 40 евра за одговорното лице му е изречена на правното лице од Гостивар зашто евиденцијата во трговијата не се наоѓа во деловната просторија каде што се врши трговија. Глоба од 800 евра за правното лице и 60 евра за одговорното лице е изречна на правното лице од Битола, а за магацин во Струга е констатирано дека не води евиденција за набавка и продажба во трговија и нема пријава за МТУ.
-ДПИ и во континуитет врши надзори на сите производи за кои согласно методологијата на ризик се утврдува дека треба да се предмет на надзор. За огревно дрво имаме постапувано заедно со Министерството за внатрешни работи и со Државниот инспекторат за труд при што имаме констатирано и неправилности, но тоа се работеше во континуитет и по пријави од граѓани во текот на март, април и мај. За пелетите континуирано се работеше и беа предмет на надзор во планот за март по однос на квалитетот и декларациите, прецизира Симеска Димоска.
Продавачите на пелети стравуваат дека нема да има доволно количини од увоз и очекуваат цените да растат
Фирмите, пак, кои продаваат пелети нагласуваат дека најмногу пелети увезуваат од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, а во последно време и од Турција. Велат дека стравуваат оти нема да има доволни количини за увоз поради најавите за забрана за извоз од земјите од кои увезуваат. Не се сигурни и велат дека не можат да кажат дали ќе поскапат пелетите на почетокот на грејната сезона затоа што, истакнуваат, работите се менуваат од ден во ден. Сепак, потенцираат дека очекуваат поскапување. Сега велат вреќа пелети А класа со тежина од 15 килограми се продава по цена од 350 денари, а лани истата чинела од 190 до 200 денари. Нагласуваат дека цената на вреќа пелети зависи од земјата од каде е увезена.
Во земјава има осум компании за производство на палети кои задоволуваат околу 20 отсто од потребите на домашниот пазар. Дури 80 отсто од потребите се задоволуваат од увоз.
Од Царинската управа за МИА информираат дека во период од 1 јануари до 4 август годинава во земјава се увезени вкупно 40.710.099,69 килограми пелети во вкупна вредност од 587.914.340,00 денари. Увозот на пелети е претежно од земјите од регионот, меѓу кои најмногу се увезува од Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора. Увозот го вршат 135 различни домашни компании – увозници.
Субвенциите за печки за пелети го зголемија конзумот
Во изминатите години во Град Скопје и во некои општини беа нудени субвенции за граѓаните за набавка на печки на пелети кои помалку ја загадуваат животната средина од огревното дрво со што значајно се зголеми конзумот. Сега потрошувачите се соочуваат со проблем да ги набават неопходните количини пелети за греење во зимата поради, како што велат, намерното криење на залихите во магацините со цел пред почетокот на зимата да можат да ги продадат по повисоки цени.
Од Министерството за економија посочуваат дека одлуката за привремено ограничување на извозот на огревно и необработено дрво се предлага со цел да се спречат и избегнат последиците предизвикани од зголемената побарувачка на населението за огревно дрво предизвикана од енергетската криза на светскиот пазар.
Истакнуваат дека лани од земјава се извезени 550.085 килограми пелети во вредност од 103.704 евра. Во првата половина од годинава се извезени 237.330 килограми пелети во вкупна вредност од 49.787 евра. Покрај тоа извезени се и 22.700 килограми огревно дрво или 28,4 кубни метри во вредност од 2.012 евра. Дозвола има за извоз на вкупно 96.000 килограми, односно за 120 кубни метри, но очекувањата се дека нема да се реализира поради забраната за извоз од страна на Владата.
Порачуваат дека иста одлука за привремена забрана на извозот на одредени дрвни сортименти неодамна имаат донесено владите на Србија со важност од 60 дена, Босна и Херцеговина со важност од 90 дена и Црна Гора до мај 2023 година.
Владата јавно ќе ги објави фирмите кои намерно кријат пелети и огревно дрво и создаваат вештачка криза
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи неодамна најави дека Владата ќе ги објави фирмите кои се обидуваат да направат вештачки недостиг на пелети и огревно дрво.
– И сега ќе направиме слично со оние што се обидуваат да направат вештачки недостиг на пелети и огревно дрво за зголемување на нивните цени. По допрен глас ќе дадеме задолжение на Инспекторатот да излезе на терен за да потврди дека ваквите укажувања се вистинити. Укажувањето е дека трговците не дека немаат количества на пелети и на огревни дрва, но тоа го прават вештачки, како што некој претходно се обиде пред одреден временски период тоа да го направи со прехранбените продукти за да има зголемување на нивните цени. Да имавме закон за воено профитерство лесно ќе реагиравме, рече Битиќи во одговор на прашање на прес-конференција во Владата.
Нагласи дека во подготовка е закон за фер односи во стопанството, во кој, како што кажа, тоа ќе биде регулирано.
Зголемена побарувачката за огревно дрво
Со зголемувањето на цените на пелетите и поскапувањето на струјата, побарувачката на огревно дрво драстично е зголемена. Од ЈП „Национални шуми“ велат дека снабдувањето на граѓаните со огревно дрво се одвива со вообичаено темпо и додаваат дека сите кои имаат склучено договор до почетокот на грејната сезона ќе бидат снабдени со огревно дрво по ланските цени. Сепак цените постојано растат, а на приватните складишта во моментов кубен метар буково дрво се продава за 4.700, а дабово за 4.800 денари.
Од ЈП „Национални шуми“ посочуваат дека цели 13 години огревните дрва ги продаваат по исти цени – кубен метар бука за 2.800, а даб за 2.900 денари и прецизираат дека за годинава побарале од Владата да им дозволи поскапување за 20 отсто. ЈП „Национални шуми“ планира годинава да произведе 516.032 кубни метри огревно дрво. Лани, јавното претпријатие произведе околу 430.000 кубни метри.
Најголем дел од граѓаните се греат на огревни дрва
Податоците во публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата, 2019“ што лани ја објави Државниот завод за статистика покажуваат дека 49 отсто од домаќинствата во земјава се греат со огревно дрво или дрво од овошни насади. Електрична енергија за загревање користат 31 отсто од домаќинства, на централно греење се приклучени 10 отсто, а дрвени брикети и пелети користат 8,5 отсто од домаќинствата.
Ново на Сител
-
Измамена велешанка - И кажале дека и следуваат 20 илјади евра, па пратила 600 евра
-
Притворен малолетникот кој на автобуски станици во Карпош со нож повредил двајца малолетници
-
Мигранти влегле во камион без знаеење на возачот и се обиделе да влезат во Македонија
-
Пронајдена дрога во Скопје, приведени повеќе лица
-
Мицкоски: Не знам дали е можен исчекор во евроинтеграциите до крајот на годината, но ќе сториме се да најдеме решение
-
Повеќе договорени, а помалку извршени градежни работи во странство
-
Претседателката Сиљановска Давкова формираше Совет за млади
-
Две нови инвестиции до крајот на месецот и 500 нови работни места, најави Мицкоски