Преглед на вестите од светот
Фридрих Мерц триумфира на германските избори, подготвен за формиранње влада
Лидерот на германските конзервативци Фридрих Мерц, според првичните резултати е фаворит за следен канцелар на Германија. Тој изрази подготвеност брзо да формира ефикасна влада, јави ДПА. Според првичните проекции, конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ освои 29 отсто од гласовите, пред екстремно-десничарската Алтернатива за Германија (АфД), која е на второ место, со околу 20 проценти доверба.
Со победата на ЦДУ/ЦСУ, 69-годишниот Фридрих Мерц е на чекор до остварување на својата долгогодишна цел – да стане германски канцелар.
По најдобриот изборен резултат на партијата на национално ниво, копретседателката на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, изјави дека нејзината партија е подготвена да учествува во идната влада. АфД речиси го удвои својот рејтинг во споредба со 10,4 отсто што ги постигна на изборите во 2021 година
Зеленски е подготвен да поднесе оставка, за мир во Украина или членство во НАТО
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да поднесе оставка доколку тоа донесе мир за Украина или доколку е услов за членство во НАТО. Тој тоа го изјави на прес конференцијата по завршувањето на Форумот Украина – 2025 година во Киев. Притоа надополни дека не планира да остане на власт со децении.
Инаку, додека се одржуваше овој настан во Киев, во други европски градови се одржуваа протести како поддршка за Украина.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и 20 членови на Европската комисија, предводени од нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен денеска престојуваат во Киев, со цел да ја изразат непоколебливата поддршка на
ЕУ за борбата на Украина за независност и слобода, три години од почетокот на руската инвазија врз земјата.
За состојбата во Украина се очекува денеска да се разговара и на средбата во Вашингон меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и францускиот претседател Емануел Макрон.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар