Loading Video...
Свет
24. April 2026 - 12:24

Преглед на вестите од светот

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во четврток изјави дека САД имаат „целосна контрола“ над Ормускиот теснец и дека е „цврсто запечатен“ сè додека Иран не може да склучи договор.

Во меѓувреме, наспроти дипломатските неуспеси и недостатокот на доверба во преговорите, Иран состави список на цели, врз основа на принципите на реципрочен одговор и офанзивно одвраќање, за да се справи со потенцијалните воени дејствија од страна на САД и нивните сојузници.

Високите ирански претставници издадоа координирани изјави нагласувајќи го националното единство и отфрлајќи ги внатрешните политички поделби.  Тие истакнуваат единство меѓу државата и нацијата под власта на врховниот лидер ајатолахот Моџтаба Хамнеи.

Реза Пахлави, протераниот син на последниот ирански шах, беше испрскан со доматен сос додека ја напушташе прес-конференцијата за време на неговата посета на Берлин. Полицијата го приведе лицето осомничено дека ја фрлило супстанцата врз иранскиот опозициски лидер.

Пахлави, се појави како потенцијален лидер на опозицијата откако минатата година избувнаа антивладини протести во Техеран и други ирански градови.

Пахлави, чиј татко беше соборен во револуцијата што го донесе ајатолахот Рухолах Хомеини на власт во 1979 година, ја обвини Европа дека стои настрана и ѝ дозволува на владата во Техеран да продолжи со крвавата репресија на протестите во кои загинаа илјадници луѓе кон крајот на минатата година.

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Израел чека „зелено светло“ од САД за да ја продолжи војната, велејќи дека ако го стори тоа, ќе започне со таргетирање на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, и ќе „го врати Иран во мрачно доба“.

„Кога нападот ќе се обнови, овој пат ќе биде различен и смртоносен и ќе нанесе разорни удари на најчувствителните места, по огромните удари што ги претрпе иранскиот терористички режим досега - што ќе ги потресат и ќе ги срушат неговите темели.“

Иранците, кои издржаа шест недели бомбардирање од страна на САД и Израел пред прекинот на огнот на 8 април, опишаа напната средина под закана од обновен напад.

Зборувајќи заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, украинскиот претседател Володимир Зеленски истакна

„Имаме силна и фундаментална одлука и тоа е одлука на сите лидери едногласно на ЕУ. Многу сме благодарни за големиот напредок денес, пакетот за поддршка од 90 милијарди и пакетот санкции, што е исто така одличен сигнал.“

Средставата ќе помогнат и за заштитата на енергетскиот систем на земјата пред следната зима. Во нивната заедничка изјава, лидерите рекоа дека Украина треба да ја добие првата исплата од заемот во вториот квартал од 2026 година.