Православните верници го слават Богојавление - Водици
Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
И годинава ќе продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води. Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.
Како што изјавија за МИА од Скопската православна епархија, годинава се пријавени над 220 граѓани, кои ќе се обидат да го фатат крстот што ќе се положи во реката Вардар.
Одбележувањето на празникот Богојавление ќе почне во 9 часот во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, каде што ќе чиноначалствува владиката Јосиф.
По завршување на литургијата, во 11:30 часот владиката Јосиф, заедно со свештенството во поворка ќе се упатат кон мостот „Слобода“ каде ќе започне „Водосветот“, а потоа ќе се положи крстот во реката Вардар.
Според верувањата, оној кој ќе го фати крстот, ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.
Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.
Ново на Сител
-
Определен притвор за четворица осомничени за пукањето во Тетово
-
Бела куќа: Трамп и Путин ќе имаат состанок в петок во Енкориџ
-
Свечена седница по повод 24 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор
-
Ангелов: Борбата со пожарот во ловиштето Јасен продолжува, успешно изгасната една линија, теренот останува критичен
-
Го живеам мојот сон, сакам да ме паметат по дела | Орце Ѓоргиевски | Неформално | Sitel Podcast 108
-
ЦУК: Активни пожари во Јасен, Свиларе, Радуша и уште четири локации
-
Студентската листа е 99 отсто завршена, во неа нема опозиција ниту влада, тврдат српските студенти во блокада
-
Израел тврди дека нема масовна глад во Газа