Македонија
28. May 2016 - 12:17

Православни светители кои се празнуваат денес

Преподобен Пахомиј Велики, Свети Ахил, епископ Лариски и Преподобен Силуан се православните светители кои се празнуваат денеска.

Преподобен Пахомиј Велики

Родум Мисирец и во младоста незнабожец. Како војник учествуваше во борбата на царот Константин против Максенциј. Потоа, дознавајќи од христијаните за единиот Бог и гледајќи го нивниот благочестив живот, Пахомиј се крсти и отиде во Тиваидската пустина, кај прочуениот подвижник Паламон, кај кого десет години се учеше на подвижнички живот. Тогаш, на местото наречено Тавенисиот, му се јави ангел во облека на схимник и му даде штичка на којашто беше напишан уставот на општежителниот манастир, заповедајќи му таков манастир да устрои на тоа место и прорекувајќи му дека во тој манастир ќе притекнат мнозина калуѓери заради спасение на душите. Пахомиј го послуша Божјиот ангел, почна да подига многубројни келии, иако таму немаше никого освен него и брат му Јован. Кога брат му го укори зошто гради толку непотребни градби, Пахомиј просто одговори дека тој ја следи Божјата заповед, без оглед кој и кога ќе дојде да живее тука. Но наскоро поттикнати од Духот Божји на тоа место надојдоа многу луѓе и почнаа да се подвизуваат според типикот на Пахомиј, добиен од ангел. А кога се зголеми бројот на монасите, Пахомиј постепено подигна уште шест манастири. Бројот на неговите ученици изнесуваше до седум илјади. Свети Антониј се смета за основач на отшелничкиот (пустински) живот, а Свети Пахомиј на манастирското општежитие. Смирението, трудољубивоста и воздржанието на овој Свет отец беа и останаа редок пример за подражавање пред огромен број монаси. Свети Пахомиј изврши безбројни чуда, но и безброј искушенија претрпе од демоните и од луѓето. На луѓето им послужи како роден татко или брат. И мнозина ги побуди да појдат по патот на спасението. И мнозина управи на патот на вистината. Беше и остана голема светилка на Црквата и голем сведок на Христовата правда и вистина. Се упокои мирно во 348 година, во седумдесет и четвртата година од својот земен живот. Многумина од неговите ученици Црквата ги вброја во редот на Светителите, како на пример: Теодор, Јов, Пафнутиј, Пекузиј, Атинодор, Епоних, Сур, Псој, Дионисиј, Псентаисиј и други.

Свети Ахил, епископ Лариски

Овој голем јерарх и чудотворец беше роден во Кападокија. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор, на којшто ги посрами еретиците како со својата ученост така и со светоста, предизвикувајќи голем восхит. Зеде Свети Ахил еден камен и им викна на ариевците: „Ако Христос е создание Божјо, како што велите вие, речете од овој камен да потече елеј?“ Еретиците молчеа и се чудеа на таквата покана од светителот. Тогаш Свети Ахил повторно рече: „А ако Синот Божји е рамен на Отецот, како што веруваме ние, нека потече елеј од овој камен!“. И навистина, на општо восхитување, потече елеј. Свети Ахил се упокои мирно во Лариса во 330 година. Кога македонскиот цар Самоил ја освои Тесалија, ги пренесе моштите на Свети Ахил во Преспа, на островот во езерото којшто се нарече, а и денес се вика Ахил или Аил.

Преподобен Силуан

Најпрво беше комедијант, глумејќи пред секој и секого. Потоа, загреан од љубовта Христова, му стана ученик на Свети Пахомиј. „Готов сум да го дадам и животот, само да добијам простување за гревовите“, говореше Свети Силуан.