Пратениците донесоа повеќе закони, долга дискусија по измените на Законот за Инспекторат за употреба на јазиците
Пратениците денеска во рамки на 47. собраниска седница донесоа повеќе закони, по скратена постапка. За време на седницата се дискутираше по Предлог-измените на Законот за Инспекторат за употреба на јазиците, при што пратениците од ДУИ посочија дека овие законски измени содржат податоци што можат да ги загрозат правата на Абанците и ја менуваат суштината на Инспекторатот, додека пратениците од владејачкото мнозинство посочија дека се работи за усогласување со Законот за инспекциски надзор.
Во процедурално обраќање, пратеничката Арбана Пашоли од ДУИ напомена дека како парламентарна група ќе ги искористат сите можни форми за да го блокираат ова законско решение.
Пратеникот Бобан Карапејовски подвлече дека со овие законски измени ниту една надлежност на Инспекторатот не се укинува, туку се работи за усогласување со Законот за инспекциски надзор.
- Со тоа што се блокира донесувањето на овој Закон, им се блокира на вработените да добиваат плата. Вакви усогласувања имаме и за Инспектиратот за животна средина, а во моментов се врши истото усогласување и за Инспекторатот за македонски јазик. Ниту еден Инспекторат нема да биде посебно правно лице, зошто само овој би имал поинаков статус, праша Карапејовски.
Според пратеникот Илир Хасани, доколку овие измени поминат во Собранието, ќе бидат противзаконски, а за пратеникот Сали Мурати овие законски измени содржат податоци што можат да ги загрозат правата на Албанците.
- Измените ја менуваат суштината на Инспекторатот. Се брише својство на правно лице на Инспекторатот, се бришат конкретните надлежности на директорот. Овие промени не се само технички, туку влијаат на капацитетот на Инспекторатот, посочи Мурати.
Во рамки на седницата беше донесен и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, по скратена постапка.
Пратеникот Оливер Спасовски оцени дека станува збор за втора измена, која се прави во кратко време за ова законско решение. Според него, треба да се размислува за ново решение кое нема да го наруши правото на сопственост.
- Собранието мора да води сметка, ако сакаме сериозна реформа за одземање на одредени предмети и имот на оваа Агенција. Тоа мора да се направи преку нов законски текст, кој ќе се базира на Уставот. Ова решение е спротивно на одредби од Уставот и директно задира во правото на сопственост, рече Спасовски.
Пратениците во рамки на оваа седница ги донесоа измените на Законот за превоз во патниот сообраќај, Законот за работното време на мобилните работници во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај, Законот за гробишта и погребални услуги, Законот за градење, Законот за урбанистичко планирање, Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, Законот за јавна чистота и Законот за заштита на личните податоци, сите по скратена постапка.
Ново на Сител
-
Аритон Ала е нов заменик-претседател на Судски совет на РСМ
-
Контроли во угостителски објекти во Куманово, изречени десет глоби
-
Почина тригодишно дете од Кавадарци
-
ЕК: Бугарија ги исполнува условите за влез во еврозоната од 1 јануари
-
Димитриеска-Кочоска: Проблемот околу инфлацијата е комплексен, работиме во континуитет и треба време да се среди
-
Во тек се преговорите со министерствата за ребалансот на буџетот, кој во Собрание треба да се најде најдоцна до 25 јуни
-
Вицепремиерот Стоилковиќ и турскиот амбасадор Улусој ги посетија подрачните училишта во Бучим и Тополница
-
Одложувањето на гласањето на предлог-извештајот во АФЕТ голема победа на македонската дипломатија, порачаа амбасадорите Боцевски и Јолевски