Македонија
13. July 2024 - 16:53

Пожарот на Серта се уште активен, Кризниот штаб бара војници на АРМ да се вклучат во гаснењето

Четврти ден гори во неготинско. Пламените јазици на Серта се гасат и од воздух и од копно. Вклучен е армиски хеликоптер, два авиона, пожарникари, доброволци и механизација од повеќе општини, велат од Центарот за управување со кризи. 

„Неготинските пожарникари буквално се борат во атарот на село Калањево. Се уште е активен тој пожар. Вчера интервенираше хеликоптер на Армијата, додека подоцна интервенирале и 2 авиона Ер Трактор на ДЗС.  На терен интервенирале вкупно 100 луѓе. Пожарникари се 56  вкупно  и има од Неготино, Кавадарци, Гевгелија и Свети Николе“ – Илија Бојаровски, ЦУК

Од ЦУК тврдат дека засега имотите не се загрозени. 

Се огласи и градоначалникот на Неготино Горан Стојанов.

„Кризниот штаб на општина Неготино ги информира и замолува за помош граѓаните и фирмите кои се сопственици на багери, булдужери, и моторни пили и знаат да управуваат со истите, доколку се во можност да покажат добра волја и да се вклучат во гаснењето на пожарот на планината Серта кај селото Калањево. Сите заинтересирани кои ќе се упатат кон Калањево ги информираме дека на патот ќе бидат пресретнати од полициска патрола на МВР која е на местото на настанот, чии припадници ќе им дадат насоки во кој правец да се движат и на кои локации е потребен нивен ангажман“, напиша тој. 

Кризниот штаб побара од Министерството за одбрана вклучување и на војници на АРМ во гаснењето на пожарот. 

Во последното деноноќие, ЦУК регистрирал 26 пожари на отворено, а од нив 5 се уште се активни. 

За 12 дена од почетокот на месецов, имало вкупно 173 пожари на отворен простор од пошироки размери.