Македонија
9. August 2024 - 16:32

Матични лекари: Многу граѓани од одмор се враќаат со Ковид

За една недела во ИЈЗ регистрирани се 116 случаи со Ковид, што е речиси за 50 проценти повеќе од последната недела во јули. Секој трет тестиран пациент бил позитивен, покажува извештајот. Заразени има од сите возрасти.

Зголемен број болни пријавени се и во Грција, Албанија и Србија каде периодов доминира подваријанта на омикрон наречена “Флирт” која се уште не е докажана кај нас. Матични лекари кои ги контактиравме велат дека најголемиот број од пациентите кои биле со покачена температура, болки во зглобовите и мускулите и респираторни симптоми само што се вратиле од одмор.

- Доаѓаат со високи температури, некои со помиски температури 37 и нешто, меѓутоа со симптоматологија на респираторни болести. Некои пациенти се сомнителни на Ковид затоа ги испраќам на тестирање и кај некои е потврден Ковид. Ама доаѓаат од туристичките места, за да знаат пациентите дека од таму се шири заразата и тоа по цели фамилии страдаат и се со респираторни симптоми. Не мора да имаат висока температура, како настинка почнува и после сите различно во зависност од имунитетот, изјави д-р Ирена Витановска, матичен лекар - специјалист по семејна медицина.

Поради зголемениот број на нови случаи со Ковид од ИЈЗ препорачуваат:

- Следење на основните мерки за превенција на ковид-19 и останати респираторни заразни заболувања, а при појава на симптоми, јавување на матичен лекар или инфектолог за дијагностика и третман на заболувањето, велат од Институтот за јавно здравје.

Пред неколку дена и од СЗО алармираа дека бројот на потврдени случаи со Ковид е зголемен  во 84 држави во целиот свет, а во Европа процентот на позитивност од направени тестови е над 20 проценти.