Поврзаноста на парацетамолот и аутизмот не е научно заснована, реагира лекарската фела по изјавата на Трамп
Да не се користи парацетамол во бременост бидејќи може да предизвика аутизам кај децата- ова беше изјавата на еден од највлијателните луѓе во светот, Доналд Трамп, кој им порача на трудниците да ја ограничат употребата на парацетамот. Без конкретни докази и нови истражувања, тој се повика на истражувањата кои ги прави министерството за здравство под водство на Роберт Ф. Кенеди Џуниор.
Стручната фела со осуда кон американскиот претседател. Доктори, истражувачи, гинеколози, педијатри реагираат дека Трамп шири паника кај бремените жени и нивните семејства. Лекот се користи децении наназад и бројните истражувања не утврдиле никаква поврзаност помеѓу парацетамолот и аутизмот.
ЕУ не гледа докази што ја поврзуваат употребата на парацетамол со аутизмот по тврдењата на Трамп, ниту ќе ги сменат препораките за овој лек, изјавија на денешната прес конференција.
Македонските гинеколози велат дека станува збор за небулозна изјава неиздржана од научен аспект. Првиот лек кој што им се нуди на трудниците е парацетамол, но како и се друго кај бремените жени треба да биде во консултација со лекар. Но доколку се пие два до три дена, при температура, грипови, мускулни болки, нема опасност во консултација со лекар.
Во април, Кенеди најави обемни тестирања и истражувања за откривање на причината за аутизмот во рок од пет месеци. Но експертите предупредуваат дека тоа не е едноставна задача, науката со децении се обидува да ги открие причините и сè уште нема единствен одговор. Аутизмот не е болест, туку комплексна развојна состојба која различно се манифестира кај различни луѓе.
Стапката на аутизам во САД е во постојан пораст.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар