Македонија
9. January 2017 - 11:54

Повик на „Јавна соба“ за дизајнери, дизајн студија и производни компании

Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ распишува повик за сите македонски дизајнери, дизајн студија и производни компании кои сакаат да ги претстават своите најнови производи на дизајн фестивалите во регионот и да стапат во контакт со претставници на концептуални продавници и дистрибутери од соседните држави. Селектираните производи ќе патуваат во период мај – ноември 2017 година во организирана форма, како „Изложба на македонски дизајн - 2017“. 

Учеството на повикот е бесплатно и има за цел да го стимулира развојот на дизајн сцената во Македонија, во поглед на продуктивност, самоодржливост и иновативност. Пријавата за учество може да се најде на следниот линк: www.publicroom.org/projects/patuvacka-izlozba.html

- Време е да се охрабриме, умешно да го спакуваме и да го претставиме надвор од нашите граници сето она што неколку години внимателно го создаваме. Заеднички да ја промовираме македонската дизајн сцена и нашата земја. Како неформални претставници на дизајн секторот во земјава имаме обврска да ги мобилизираме сите активни продукт, модни и графички дизајнери, да ги мотивираме да размислуваат извозно, изјави директорката на проектот Тамара Георгиевска.

Фестивалите, како што нагласи, се одлична можност за иницирање соработка со концептуални продавници од Белград, Загреб, Сараево, Тирана, Пловдив и Софија, а изложувањето во комерцијалните зони е од голема корист за било кој дизајнер, дизајн студио или производна компанија од Македонија.

Таа информира дека во концептуалната продавница во „Јавна соба“ од пред шест месеци се продаваат парчиња мебел, накит и облека од млади дизајн брендови од целиот регион.

На изложбата на македонски дизајн може да учествуваат сите модни, графички и продукт дизајнери, дизајн студија и компании од Македонија кои имаат изработено производ или се во финална фаза на изработка на нов производ/прототип.

На регионалните фестивали се очекува да се настапи со избор на 15 до 20 иновативни продукти, кои ќе имаат можност да ги видат неколку стотици илјади луѓе на Балканот.

Заинтересираните повеќе информации можат да најдат на линкот: http://www.publicroom.org/shop.html