Свет
2. November 2023 - 18:59

Повеќе погинати, десетици повредени и милионски штети од налетите на бурата Киаран во западна и централна Европа

Неколку лица погинаа од бурата „Киаран“, што ја погоди западна и централна Европа, а милиони домаќинства останаа без електрична енергија и предизвикана е голема материјална штета. 

На северот на Франција, возач на камион загина откако во невремето е соборено дрво што паднало врз неговата кабина, додека најмалку 16 други лица се повредени во бурата што ја зафати цела Франција. 

Делови од Бретања и Нормандија се под црвена тревога поради силните ветрови, а остатокот од северозападниот дел е под портокалова тревога, соопштија властите, додека британските медиуми јавуваат дека над милион домови се останати без струја. 

Во белгискиот град Гент едно лице загина кога дрво паднало врз него поради силните ветрови, а истото се случило и на југот на Холандија, каде, исто така, врз едно лице паднало дрво.

Локалните власти во Белгија ги предупредија жителите да не движат во близина на зелени површини поради страв од паѓање на дрвја. 

На други место низ Европа најмалку пет лица ги загибија животите во невремето.

Холандската авиокомпанија КЛМ од рано попладне па се до крајот на денот ги откажа сите летови што поаѓаат и пристигнуваат во Холандија, поради високите брзини на ветерот и силните налети кои се очекуваат во земјата. 

Во Шпанија, каде што невремето зафати поголем дел од земјата со силен дожд и силен ветер, службите за итни случаи во Мадрид соопштија дека една жена загинала откако дрво паднало врз неа, а уште три биле полесно повредени во инцидент на улица во центарот на градот. Парковите во главниот град и другите шпански градови се затворени, а откажани се и неколку возови и летови. 

За германскиот брег од Северно Море е издадено предупредување за невреме, а за дел од брегот од Балтичко Море е издадено предупредување за силен ветер. 

Во велика Британија илјадници луѓе останаа без струја, а силните ветрови носеа покриви од згради и уриваа дрвја.