Македонија
22. May 2025 - 16:37

Потпишан договорот за стратешко партнерство

Во Собата на Черчил во британското Министерство за економија и извоз– вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и министерот Герет Томас ставија потпис на Договорот за стратешко партнерство. Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, според Николоски ќе значи важен момент за развојот на државата во иднина.

- Ова го гледаме како одлична можност за целата држава да се развива. Веќе имаме три проекти кои се подготвени. Тоа се брзата железница од Коридорот 10, здравствениот проект за болници и секако проектот за образование за Медицинскиот факултет. А во претстојниот период ќе бараме нови проекти во секторите за енергетика и животна средина, вели министерот Николоски. 

За Велика Британија, ова е продлабочување на добрите билатерални односи меѓу двете држави. Министерот Томас вели, проектите ќе го подобрат животот на граѓаните.

- Ова ново партнерство е значителен чекор напред во идната трговија меѓу нашите две држави. Навистина сум возбуден што македонските и британските бизниси ќе работат заедно за да можат да испорачаат важни инфраструктурни проекти во Македонија. Инфраструктурните инвестиции знаеме дека се клучни за да се подобри економскиот раст и да се подобри животот на граѓаните. Знам дека тоа е наша заедничка цел, за нашите Влади се разбира и ова партнерство е темел за поддршка на таквата испорака за да се поттикне растот, да се споделат најдобрите пракси меѓу нашите две нации, вели Герет Томас. 

Но детали за заемот со рамка од 6 милијарди евра се уште не се објавени. Премиерот Мицкоски вели дека сите детали транспарентно ќе бидат објавени, но преку Законодавниот дом. 

- Ќе дојде во Парламент пред пратениците. Ние шверцерски ништо не носиме, не носиме со европски знамиња. Ќе го видат пратениците тоа што следи, вели Мицкоски. 
Опозицијата, пак, критикува. Првиот човек на СДСМ, Филипче вели дека задолжувањето ќе значи раст на јавниот долг на 115% од Бруто домашниот производ или пластично, секое дете кое ќе се роди ќе должи по 6 илјади евра за заемот на Владата. Предупредува и дека постои ризик од корупција.

- Јас слушав министерката за финансии. Очигледно е дека тие договори ќе бидат нетранспарентни и во четири очи. Ќе бидат британски фирми. Таа се обиде да каже дека ќе важи Законот за јавни набавки. Ние направивме проверка, нема да важи Законот за јавни набавки. Значи, ВМРО-ДПМНЕ што седум години критикуваше корупциски, вакви-такви договори, особено тој со Бехтел и Енка, сега остава простор за сериозен сомнеж за корупциски проекти.

Дополнително, ние не знаеме што се крие во политичкиот договор во контекст на бегалците, вели Филипче.

Но денеска премиерот уште еднаш увери дека такво нешто не е преговарано со британската Влада.

Фокус на британските пари ќе биде инвестирање во железницата и модернизација на Коридорот 10. Владата планира изградба на нова пруга, па потоа и реконструкција на постоечката која ги поврзува Табановце и Гевгелија. Заедно со проектите во здравството, македонската Влада веќе има план за 60% од вкупната рамка од 6 милијарди евра.