Македонија
19. May 2026 - 20:11

Реакции и барање одговорност по протестот на албанските студенти

Министерот за правда го осуди обидот правосудниот испит да се претвори во поле за политички притисок и етничка конфронтација. Филков вели, правосудниот не е прашање на политика туку на стручност и почитување на правниот поредок на државата. Организаторите на протестот се должни да одговорат дали инцидентите што се случија на вчерашниот протест се во насока на политичка манипулација и се прикриваат други политички агенди.

Од ДУИ пак кои беа посочени од другите партии како иницијатори на протестите за враќање на власт и дестабилизација на државата, велат дека вчерашните настани го покажале вистинското лице на Владата која се плаши од студентите и граѓанското незадоволство. Бараат одговорност од сите институции кои ги спречиле студентите од другите градови и држави да дојдат на протестот и биле задржани од полицијата.

Не смее да се дозволи зад студентските иницијативи да се кријат корумпирани политичари кои се болни за власт и сега станаа загрижени за правата кои ги игнорираа повеќе од две децении, велат од ВРЕДИ. Проблемот со правосудниот испит да се полага и на албански јазик, веќе почнале да го решаваат.

-Студентите протестираа против неправдите кои потекнуваат токму од времето на ДУИ, време кога петмина албански министри за правда не мрднаа со прст за да го решат прашањето на мајчиниот јазик. Тие што со години го стеснуваа здивот на младината, денес нема да ја инструментализираат нејзината иднина за спас на сопствениот капитал, велат од ВРЕДИ.

Реагираа и од Демократскиот сојуз. Вчерашниот протест е опасно сценарио на ДУИ за дестабилизација, велат од партијата. Ја повикаа Владата да не подлегнува на притисоци и уцени и преку дијалог да најде решение за правосудниот испит.