Свет
14. July 2015 - 17:58

Постигнат договор за иранската нуклеарна програма

Иран и шесте светски сили постигнаа договор, што гарантира дека „иранската нуклеарна програма ќе биде исклучиво од мирен карактер“, изјавија денеска на заедничка прес-конференција високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и шефот на иранската дипломатија Мохамад Џавад Зариф.

Договорот ќе „помогне за регионалната и меѓународната безбедност“, изјавија двајцата дипломати во Виена.

Според нив, „Иран потврдува дека при никакви околности нема да бара или да се здобива со нуклеарно оружје“.

- Тоа што го објавуваме денеска не е просто зделка, туку добра зделка... Денеска е историски ден, изјавија тие.

Според Могерини, преговорите со Иран завршиле и го разрешиле десетгодишниот спор за иранската нуклеарна програма.

- Благодарам на сите страни за одлучноста и напорите, за тоа дека успешно ги завршивме преговорите и разрешивме спор, што траеше повеќе од десет години, рече таа.

Зариф изјави дека договорот ќе помогне за градење доверба меѓу Иран и шесте светски сили.