Македонија
28. February 2018 - 13:13

Поради снежни наноси трет ден отсечени 250 жители од две села во Ранковце

Високата снежна покривка од околу 60-тина сантиметри и големите наноси на регионалниот патен правец Ранковце-село Герман веќе четврти ден ги отсече жителите на селата Герман и Криви Камен од сообраќајна комуникација со општината.

Градоначалникот на Ранковце, Ивица Тошевски, информира дека учениците од подрачното училиште "Христијан Тодоровски-Карпош" четврти ден не посетуваат настава.

- Наставата во училиштето во Герман  е во застој четврти ден, наставниците не можат да отпатуваат до таму, а иако јас инсистирав изминатите денови ЈП Македонија се уште не го има пробиено патот. Засегнати се жителите на село Пклиште, Станче, Криви Камен и Нерав, иако до Пклиште е излезено возило на Македонија пат, но не и до Герман, рече Тошевски.

Апелира да се активираат екипите за расчистување за да се овозможи нормално функционирање на жителите на реонот.

Градоначалникот информираше и дека се расчистени и проодни локалните патни правци за чие одржување е задолжена општината, а за зимско одржување е задолжено Јавното претпријатие „Чист ден" од општината.

- Македонија пат за денеска  најави расчистување на патот до село Герман, и тоа со специјално возило за отстранување снег-унимол. Ќе се чисти и патниот правец до Калин Камен, што го поврзува со село Бс, како и патот што води кон село Борово. Дренак останува отсечено и патот е подолго време непрооден, информира Зоки Павловски, раководител на ПЕ на ДЗС,Крива Паланка.