Македонија
30. January 2023 - 16:32

Поради премногу обврски Нефи Усеини поднесе оставка во Советот на Охрид

Контроверзниот советник од  ДУИ Нефи Усеини поднесе оставка во советот на општина Охрид.Ваквата одлука која доаѓа една и пол година по добивањето на вториот мандат ја потврди  претседателот на советот  Сашо Донев. Усеини оставката ја поднел поради лични причини.

„Да,ја поднесов оставката до Советот,поради лични причини воглавно презафатеност со обврски надвор од функцијата советник", тврди Нефи Усеини.

Усеини на локалните избори одржани кон крајот на 2021 година по втор пат беше избран за Советник во општина Охрид, како носител на листата на ДУИ. Тој и тогаш за медиумите изјави дека ќе поднесе оставка, но се предомисли и продолжи да ја извршува функцијата.

Од Советот пак посочија дека оставката е поднесена и прифатена.

„На следната седница ќе се назначи нов советник од редовите на ДУИ а во меѓувреме ќе  се состане комисијата за верификација“, потенцираа од советот на општина Охрид.

Неговото име изминатиот период беше доста спомнувано во јавноста и беше поврзано со голем број скандали.

Усеини е бизнисмен и претседател и на огранокот на ДУИ во Охрид, тој е познат по низа физички напади меѓу кои и претепување на својот колега од претходниот состав, Џемал Мена , му се судеше и беше ослобеден од вина во случајот за напад на сограѓанинот Спиро Топаловски со образложение дека не може да се  докаже вината а познат е и по своите дивоградби.