Македонија
12. October 2026 - 16:37

МВР во акцијата на Интерпол „Тригер Икс“ заплени оружје, муниција, бомби

Македонската полиција учествуваше во голема меѓународна акција рамо до рамо со Интерпол. Тригер Икс пресече прекуграничен криминал и откри нелегална трговија со оружје, муниција и експлозиви.

За време на акцијата која се одвивала во текот на летните месеци годинава БЈБ, Царинската управа во координација со странските партнери на наш терен извршиле засилени детални контроли. 

„Во рамки на оперативните активности беа извршени контроли и прегледи на 548 селектирани лица и 382 возила, меѓу кои патнички и товарни возила, како и приколки. Дополнително, Одделот за криминалистичко-разузнавачка анализа при Бирото за јавна безбедност и Секторот за меѓународна полициска соработка извршија проверки во интерните бази на податоци за повеќе од 500 лица и 300 возила. Само во оперативната фаза биле извршени 35 претреси. Одземени се 27 парчиња оружје, 604 парчиња муниција и 10 минско експлозивни средства за што МВР покренале кривични постапки.“

„Во борбата против овој вид криминал, базите на податоци на Интерпол се од суштинско значење на нашата секојдневна работа“, изјави Мартина Спасовска, главен инспектор во националното централно биро Интерпол Скопје 

 „Главната цел на операцијата TRIGGER е развој на истрагите прибирање информации и поддршка на земјите во борбата против илегалната трговија со оружје“ - изјави Јоаким Родригез координатор на програмата за огнено оружје на Интерпол.

„Терористите користат нелегално оружје, муниција и експлозиви и бомби, поради што од клучно значење е фокусирање на детекцијата и запленувањето на ваквиот илегален промет“, изјави Сакиб Султан Ал Мехмод директор на ФИА на Пакистан 

За управна постапка дополнително се одземени три ловни пушки, една пневматска пушка и 128 патрони. Претходно во предоперативната фаза и при претреси биле пронајдени уште 4 пиштоли, 3 рачни бомби, импровизирана направа за испукување и над 190 куршуми. 

Контроли биле направени и во стрелачки клубови и цивилни стрелишта, а на граничните премини лишени од слобода се две лица. Еден австриски државјанин кој е фатен со сомнителна материја на ГП Табановце и едно лице кое било на стоп-листа и е фатено на ГП Меџитлија.