Свет
9. January 2019 - 8:24

Популарноста на Макрон во пораст

Популарноста на францускиот претседател Емануел Макрон бележи раст во јануарските анкети, достигнувајќи околу 28 отсто, што е за пет процентни поени повеќе во споредба со испитувањата на јавното мислење во декември.

Според анкетата на институтот Ифоп-Фидисиал, спроведена за потребите на весникот „Пари Мач“ и радиото „Сид“ на 3 и 4 јануари со 1.014 испитаници, како најголема заслуга на Макрон, Французите ја сметаат „одбраната на интересите на Франција во странство“.

Вкупно 30 проценти од анкетираните ја поддржуваат економската политика на Макрон, но само 19 отсто сметаат дека тој ја сфаќа загриженоста на избирачите.

Ова е прв раст на популарноста на Макрон по два месеци пад, инициран од протестите на „жолтите елеци“.

Во исто време, анкетата покажува и зајакнување на позицијата на екстремно десничарскиот Национален собир на Марин ле Пен, кој, според испитаниците, претставува „главна опозиција на Владата“ на Макрон.