Политико: Европските престолнини се подготвуваат за можен хибриден напад со жртви

Главните градови на Европската Унија (ЕУ) подготвуваат одговор на можен хибриден напад од големи размери во кој би можеле да бидат убиени граѓани, а дискусиите за тоа сценарио се интензивираа меѓу амбасадорите на сите 27 земји-членки, објави денеска бриселски Политико, повикувајќи се на дипломати и претставници на ЕУ.
Разговорите наводно се интензивираа по откривањето на дрон што носел експлозив на аеродромот во Лајпциг во август.
ЕУ со години развива „хибриден сет алатки“ за одговор на кибер напади, мешање во избори и саботажи, но сега вниманието е насочено кон посериозни напади со поголем број жртви, додава Политико.
Дипломатите и претставниците разговараат за распоредувањето на тимови за итни случаи, користењето на средствата на ЕУ за помош на погодената земја и како комуницираат лидерите на институциите на ЕУ.
ЕУ тврди дека Русија, од почетокот на војната со Украина, ги интензивирала кибер нападите, саботажите и другите тајни операции.Неодамнешните инциденти вклучуваат напад со беспилотно летало врз брод во Црното Море, сомнителен пожар на полска копнена станица поврзана со Старлинк, обиди за поставување запаливи направи во транспортните центри и нарушувања на воздушниот простор.
Истовремено, постојат несогласувања меѓу членките околу тоа дали ЕУ треба да развие нови безбедносни механизми или дали би можела да ја дуплира улогата на НАТО.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, предложи „протокол за безбедност во вонредни ситуации“ и „Европски совет за безбедност“, додека некои земји веруваат дека веќе постојните механизми, како што е Интегрираниот политички одговор на кризи (IPCR) на ЕУ, може да бидат доволни.
Поранешната портпаролка на НАТО, Оана Лунгеску, процени дека ЕУ и НАТО треба да ги споделат одговорностите, така што НАТО ќе се занимава со разузнавање и воено одвраќање, а ЕУ со цивилен одговор.
Дипломат на ЕУ предупреди дека во случај на напад со жртви, притисокот врз двете организации да реагираат би бил многу голем.
Лунгеску, сепак, изјави дека за рускиот претседател Владимир Путин не е важно дали одлуките ги донесува ЕУ или НАТО, туку како Западот реагира на неговите потези.
МИА
Ново на Сител
-

Димитриеска-Кочоска: Продолжува мерката за намалено ДДВ за дизелот и акцизата до 2 ноември 2026 година
-

По децении запуштеност, конечно ќе се реконструира спортската сала „Македонија“ во Прилеп
-

Маж следел, па потоа допирал по телото 22-годишна девојка во Карпош
-

17-годишник со нож повредил 15-годишник на Бит Пазар
-

Тешко повредено шестгодишно дете кое се возело како сопатник на тротинет откако во нив удрил автомобил
-

Франција ги продолжи полициските часови за да ги смири немирите и грабежите
-

Ученик претепан на голем одмор пред среднo училиште во Скопје, еден од напаѓачите извадил пиштол
-

Одложено испитувањето на сведоците во случајот „Лотарија“, за доказите одбраната ќе се произнесе на 30 октомври
