Македонија
23. August 2017 - 8:35

Почнуваат 56. Струшки вечери на поезијата

Со садење дрво и поетско читање во чест на добитникот на „Златниот венец“ - Чарлс Симиќ, денеска во Струга ќе почне фестивалот Струшки вечери на поезијата кој ќе трае до 28 август.  Официјалното отворање на  56-тото издание на фестивалот е вечер во 20.30 часот на платото пред Домот на поезијата со меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.

свп 2017

Фестивалските содржини ќе продолжат во наредните пет дена, кога ќе бидат одржани симпозиумот „Изгубено/најдено во преводот“, портрети на годинашните лауреати - добитникот на „Златниот венец“ Чарлс Симиќ и на наградата „Мостови на Струга“ на СВП и УНЕСКО - Горан Чолакхоџиќ и прогласување на годинашниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка на македонски јазик  меѓу два фестивала. Во рамки на СВП ќе има и вечери за европската поетска платформа Версополис.

Фестивалот во Струга ќе заврши на 27 август со поетската манифестација „Мостови на Струга“ и врачување на фестивалските награди на годинашните добитници. Во понеделник, 28 август, фестивалот ќе се пресели во Скопје каде ќе има Поетско матине на Матка, а вечерта - Меѓународен поетски митинг на плоштадот „Македонија“. 

 Чарлс Симиќ

Годинашниот добитник на наградата „Златен венец“, поетот Чарлс Симиќ, е роден во Белград во 1938 година, во тогашна кралска Југославија. Тој е еден од најзначајните современи американски и светски поети и есеисти. Со семејството се преселил во САД во 1953 година. Поезија почнал да пишува во средно училиште, а на неговите поетски почетоци влијаеле американските поети Волт Витман, Емили Дикинсон, Волас Стивенс… Неговата прва стихозбирка „Што вели тревата“ (1967) била одлично примена од критиката. 

- Неговата поезија се одликува со впечатлива концизност. Со истенчен слух за ритам, со зачестено користење на римата, асонанцата, синтаксички паралелизми... Наизглед неговиот стил е „едноставен“, „провиден“, „разговорен“, но искусните љубители и проучувачи на поезијата знаат дека во овите поетски стапици и во самиот слободен стих има толку малку „едноставности“, произволности или слобода, посебно кога поезијата содржи доволно сугестии во оригиналноста на поетските визии и слики, беше наведено, меѓу другото, во образложението на одлуката на СВП Чарлс Симиќ годинава да го добие престижното поетско признание.