Македонија
7. October 2025 - 19:41

Почнува пријавување за бесплатната вакцинација против грип за ризичните групи

Од денеска пријавување, од наредната недела вакцинација против сезонски грип. На vakcinacija.mk , можат да се пријават сите кои се во ризичните групи за кои заштитата од сезонскиот вирус е бесплатна.

Годинава, Министерството за здравство набави најголема количина на вакцини, 80.000, кои се наменети за постарите од 65 години, лица со хронични заболувања, трудници, деца до 5 годишна возраст и здравствени работници. Освен преку апликацијата, пријавување може и преку матичниот лекар. Вакцината е четиривалентна и како што велат стручните лица, спречува компликации.

-Компликациите можат да бидат на респираторните патишта како пневмонија дали директно од вирусот или некоја компликација некоја секундарна бактериска пневмонија, синузит, отит. Меѓутоа може и надвор од респираторниот систем па да има воспаление на срцевиот мускул, енцефалит или да ги зафати другите системски органи. Уште еден бенефит од вакцинацијата заради тоа што спречува егзербација односно влошување на веќе постоечката хронична болест која може да настане по инфекција со вирусот, вели д-р Кети Ставридис од Инситутот за јавно здравје.

Освен бесплатните за ризичните групи, ќе има и комерцијални вакцини во центри за јавно здравје каде може да биде вакциниран секој што сака и за тоа ќе плати. Но засега нема информација колку такви дози ќе има на располагање.

Според статистичките податоци, за период од 10 години речиси тројно е зголемен бројот на лица кои примаат вакцина против грип.

Ако пред една деценија имало околу 28 000, ланската сезона заврши со повеќе од 72 000 граѓани кои примија вакцина, но и над 26 000 заболени кои беа пријавени во Институтот за јавно здравје.