Македонија
20. July 2015 - 13:39

Почнува 8. „Топол културен бран“, повеќе настани деновиве во Ресен

Во рамки на осмата манифестација „Топол културен бран“, која почнува денеска, во општина Ресен и во преспанскиот регион деновиве ќе има повеќе настани од културата.

Во Домот на културата во Ресен вечер ќе биде отворена самостојна ликовна изложба на Владимир Темков, насловена „Циклус житни полиња“. На 23 јули, пак,  во киносалата во Ресен со стендап-комедија ќе гостува актерот Сашко Коцев, а наредниот ден групата ДНК ќе одржи концерт на плажата „Галакси“ во Претор. 

Во изминатите седум години во рамки на „Топол културен бран“ биле реализирани над 700 настани проследени од домашна публика и од посетители од регионот.

„Топол културен бран“ како и во изминатите години ќе се одвива во две етапи - од 20-ти до 31 јули и од 20-ти до 31 август. Како што информираше Министерството за култура, манифестацијата годинава ќе понуди над 92 културни настани во 30 општини. 

Културни настани во текот на летниот период се одвиваат и во рамки на второто издание на проектот „Културно лето, Културна зима 2015“ кој се реализира во туристички атрактивните и еколошки чисти општини Берово, Ресен, Дојран и Крушево.