Македонија
21. October 2024 - 16:44

Почна вакцинацијата против сезонски грип – денеска термин добиле 5.700 граѓани

Над 200 луѓе до пладне само во Поликлиниката Бит Пазар добија вакцина против сезонски грип. Вакцинацијата се одвиваше не пречено. Граѓаните си ги почитуваа термините, откако претходно се пријавиле на сајтот и добиле СМС порака каде и во колку часот да дојдат.

Од министерството информираа дека денеска се закажани 5.700 термини на 36 локации во целата држава.Државата годинава набави 70.000 бесплатни вакцини за ризичните групи, а досега се пријавиле 44.000 граѓани, од кои 13.000 од Скопје. Вакцината е 4-типна и штити од 4 типа вируси, оние кое се очекува да доминираат оваа сезона и кај нас.

-Граѓани повозрасни од 65 години, граѓани кои имаат сериозни хронични заболувања, малите дечиња од шест месеци до пет години, бремените жени и здравствените работници кои секојдневно се изложени на грипот преку своите пациенти, секако треба да си ја примат вакцината. Затоа што вакцината е добра, сигурно штити од комликации. Може нема да ги заштити да не се разболат од грип, меѓутоа ќе заштити од сериозни компликации, хоспитализации и несакан исход, изјави д-р Сања Цилевска Младеновска од Здравствен дом Скопје.

Паралелно во Скопскиот Центар за јавно здравје почна и комерцијалната вакцинација против сезонски грип за заинтересираните граѓани кои не се во ризичните групи. По препорака на министерството цената е унифицирана во сите центри и чини 700 денари.