Македонија
28. September 2024 - 16:40

Почина родилка во кумановската болница, новороденчето на интензивна на Детска

Породувањето со второто дете заврши трагично за 31 годишна родилка од Куманово. Починала синоќа во кумановската болница кога ненадејно и откажало срцето. Новороденчето е на Интензивна на детска клиника на респиратор а надлежните инситутции испитуваат што се случило  синоќа во болницата. 

-Таа е примена завчера за породување со прснат водењак, имала слаби контракции. Вчера е почнато со стимулација за контракции за породување но кога била вклучена стимулацијата нагло престанува срцевата работа, се изгубила и тензијата. Веднаш е пристапено кон реанимација од страна на анестезиолошкиот тим, не е добиена срцева акција и е внесена во операџиона сала да се извади плодот, вели д-р Стефан Трајановски, директор на болница во Куманово.

Починатата родилка била во 9 месец од бременоста и во болница била примена во добра здравствена состојба.

-Примена е без никакви знаци за срцево белодробно страдание, имала само гестациски дијабет, скриен дијабет кој се појавил за време на бременоста, вели д-р Трајановски.

Од кумановската болница веднаш ги известиле полицијата и обвинителството за да бидат утврдени причините за оваа ненадејна смрт.

-Наредена е обдукција и обезбедена е медицинската документација. Се работи на утврдување на причините за смртта, ни одговорија од ЈОРМ.

Додека надлежните ја бараат причината а смртта на родилката, новороденчето е на респиратор на одделот за интензивна нега при Клиниката за детски болести. Било транспортирано синоќа во присуство на дежурен неонатолог од кумановската болница.

-На раѓањето било без срцева акција и без дишење, веднаш е реанимирано и е транспортирано кај нас. На прием кај нас било во тешка општа состојба, докторите веднаш го интубирале и е поставено на механичка вентилација. Било со ниски оценки на раѓање и рано е да процениме какви би биле последиците понатаму, вели д-р Реџеп Мемеди, директор на Клиника за детски болести.

Дали има лекарска грешка и што ја предивикало смртта кај 31 годишната родилка треба да покаже обдукцискиот наод.