ПОА на Вранишковски го доби случајот во Стразбур за повреда на верската слобода
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) констатирана повреда на верската слобода во случајот Православна Охридска Архиепиоскопија (ПОА). Во пресудата се укажува на должноста Македонија да остане неутрална и непристрасна во извршувањето на нејзината регулаторна моќ во нејзините односи со другите религии и верски групи.
Како што соопшти Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, во денешната пресуда на ЕСЧП констатирано е прекршување на членот 11 (слобода на собирање и здружување) во врска со членот 9 (слобода на мислата, совеста и религијата) од Европската конвенција за човекови права, која произлезе од одбивањето на надлежните да се регистрира Православната охридска архиепископија (ПОА) како посебна верска заедница.
Од Хелсиншки појаснуваат дека и покрај двете постапки за регистрација на здружението кои беа водени пред домашните судови, и двете барања беа одбиени од формални причини. Надлежните државни органи се повикувале и на две други основи за одбивање на барањето, и тоа дека здружението-апликант било формирано од страна на странска црква или држава, што го правело неподобно за регистрација, како и дека неговото предложено име било проблематично, особено од аспект на тоа што тоа било многу слично со називот на „Македонската православна црква-Охридска архиепископија“ која има историско, религиозно и морално право во континуитет да го користи ова име. Со тоа, според надлежните државни органи здружението имало за цел да претставува паралелна верска институција на МПЦ.
Во рамките на домашната постапка, здружението-апликант покрена и две безуспешни постапки пред Уставниот суд, во коишто барањата за заштита на слободите и правата на апликантот беа отфрлени врз строго формални причини, без судот мериторно да се впушти во разгледување на основот на барањата на апликантите.
ЕСЧП во својата пресуда потенцира дека јавното мислење на државата не треба да биде заштитено на штета на малцинските ставови, така што ниту огромната важност што автокефалноста на МПЦ ја има за нејзините верници и поддржувачи не може да го оправда преземањето мерки кои би го спречиле апликантот сеопфатно и безусловно да отпочне со каква било религиозна активност.
За констатираната повреда на Конвенцијата, Република Македонија како тужена и одговорна држава е задолжена да му исплати на апликантот 4.500 евра како надомест на нематеријалната штета, како и дополнителни 5.000 евра за трошоците и издатоците настанати во врска со водењето на оваа постапка.
Постапката во Стразбур беше поднесена од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права во името на „Православната охридска архиепископија“, како верско здружение на коешто не му беше дозволено да се регистрира на национално ниво.
Ново на Сител
-
Претседателката Сиљановска Давкова го прими специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Стјуарт Пич
-
ДСЗИ со вонреден инспекциски надзор за починатото седуммесечно бебе
-
Тошковски: Кривична пријава за поранешниот премиер и вицепремиер
-
Седуммечесно бебе почина на Детската клиника
-
Финансиски соработник во СОЗР осомничен за злоупотреба на службената положба, 23 други лица осомничени за прикривање
-
Сијарто: На Украина и треба примирје, а не дополнително вооружување
-
Совети за поцврста врска
-
Горивата поскапуваат од половина до еден денар по литар