Балкан
29. September 2020 - 15:28

Пленковиќ за Јанаф: Не знам од каде протекуваат информациите

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска повторно го коментираше наводниот корупциски скандал во врска со државната компанија Јанаф и првпат во последните две недели не го спомна претседателот Зоран Милановиќ, јави загрепската Н1 телевизија.

По посетата на бродоградилиштето „3 Мај“ во Ријека, Пленковиќ ја коментираше најавата за свикување седница на парламентарниот Комитет за внатрешна политика и национална безбедност по повод споменатата афера.

Тој рече дека од аферата Јанаф и протекувањето информации во таа афера, посериозно протекување информации имало во аферата СМС во случајот со Јосипа Римац.

Пленковиќ, кој претходно тврдеше дека не бил информиран за истрагата за „случајот Јанаф“, сега вели дека таа во споменатиот случај била многу добро организирана од страна на полицијата, односно Ускок и Државното обвинителство.

– Не знам од каде протекоа информациите, рече хрватскиот премиер.

Што се однесува до ослободувањето на Јосипа Римац од затворот Реметинец, Пленковиќ рече дека не се плаши од ништо.

Римац, која е поранешна висока функционерка на ХДЗ, е осомничена во „аферата Ветроелектрана“ со неколку лица, а откако беше приведена во мај, истрагата против неа двапати беше проширена.

Истражен судија во загрепскиот Жупански суд пред десет дена одреди едномесечен притвор за десетмина осомничени во аферата Јанаф поради опасност од влијание врз сведоците.

Управа за сузбивање на корупција и криминал (УСКОК) за 10 од 13 осомничени во аферата Јанаф побара притвор поради можно влијание врз сведоците. Помеѓу осомничените се и градоначалниците на Нова Горица и на Нова Градишка, Дражен Баришиќ (ХДЗ) и Винко Гргиќ (СДП), на кои им беше укинат пратеничкиот имунитет откако беа уапсени.

Пратеничкиот имунитет му е одземен и на Дарко Пуљашиќ (ХДЗ).

Првпат во Хрватска во еден ден им беше укинат имунитетот на тројца пратеници.

УСКОК почна истрага против директорот на компанијата Јанаф, Драган Ковачевиќ и уште десетмина осомничени за проневера со тендери. Ковачевиќ е на чело на Јанаф, државна компанија што доставува сурова нафта преку цевководи, од 2012 година.

Приведените лица се товарат за фаворизирање на фирми во распределбата на милионски бизниси, додека Ковачевиќ е осомничен и за примање мито.