Македонија
27. February 2019 - 14:46

Петнаесет деца од ромска националност ослободени од партиципација за градинка

Делчевските советници ја поддржаа предлог одлуката со која децата од ромска националност на возраст од три до шест години се ослободуваат од партиципација за престој во детска градинка во Делчево заклучно со 31 декември 2019 година.

Со оваа одлука како што информираше советникот за образование Ванчо Новоселски, се следат насоките на Министерството за труд и социјална политика како дел од поддршка на проектот Инклузија на деца Роми во детските градинки кој се реализира во соработка со Ромскиот едукативен фонд-Будимпешта.

-Врз основа на Заклучок на Владата на Република Северна Македонија од 28 декември 2018 година, Министерството за труд и социјална политика достави барање со кое од Советот на општината беше побарано усвојување на одлуката за ослободување од партиципација на деца Роми на возраст од три до шест години. Ослободувањето од партиципација за престој во детска градинка „Весели цветови“ Делчево се однесува за периодот од 1 декември 2018 до 31 декември 2019 година, соопшти Новоселски.

Како што додаде делчевскиот советник за образование, согласно оваа мерка ослободени од партиципација за гореневедениот период ќе бидат вкупно 15 дечиња од ромска националност кои посетуваат предучилишна настава во детската градинка „Весели цветови“ во Делчево.

Целта на самиот проект „Инклузија на деца Роми во детски градинки“ е отстранување на постоечките бариери за пристап до предучилишни установи на децата од ромска националност од три до шест години како и зајакнување на свеста кај нивните родители за важноста на раниот детски развој.