Петмина пешаци го загубиле животот во сообраќајни несреќи во првите три месеци годинава
Во текот на минатата година животот го загубиле 24 пешаци во државава. Во првите три месеци од оваа година, пак, загинале петмина пешаци, беше кажано на почетокот од денешната јавна дебата што се одржува на Факултетот за безбедност во Скопје, по повод Неделата на пешаците - од 1 до 7 април.
Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Горан Ангеловски рече дека во последните години, безбедноста на пешаците во државава се соочува со сериозни предизвици.
- Според статистиките од претходните години, 15 до 25 проценти од вкупниот број загинати лица во сообраќајните незгоди се пешаци. Односно, 20 до 25 пешаци го губат животот на годишно ниво. Изминатата година во Република Македонија, животот го загубиле 24 пешаци. Во првите три месеци од оваа година, животот го загубиле петмина пешаци. Причините за ваквата состојба се недоволната свест и ниското ниво на сообраќајна култура на возачите и пешаците, неадекватна сообраќајна инфраструктура и непочитувањето на сообраќајните правила и прописи од страна на сите учесници во сообраќајот, подвлече Ангеловски.
Тој ја најави кампањата „Безбедност на пешаците - одговорност за сите нас“ што ќе се реализира во текот на месеците април, мај, септември и октомври на целата територија на државата, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност - Скопје.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека изминатиов период, во рамки на Министерството, интензивно се работело на законски измени.
- Факт е дека во изминатава година дена имаме некаде околу триесетина жртви како последица на сообраќајни незгоди, а притоа биле учесници во сообраќајот како пешаци. Вкупниот број на жртви кои се настанати како последица на непочитување на сообраќајни правила, е некаде околу 140 само за последната година. Тоа се катастрофални бројки. Споредено со просекот во рамки на земјите од Европската Унија, особено оние што се на север, сметам дека се катастрофални бројки. Мислам дека процентуално сме најлоши, сподели министерот.
Деканот на Факултетот за безбедност, Јонче Ивановски пред присутните рече дека секој во одреден момент е пешак.
Како што беше појаснето од организаторите, целта на настанот е да се потенцира важноста на безбедноста на пешаците во сообраќајот, да се истакнат предизвиците со што тие се соочуваат и да се промовира одговорно однесување на сите учесници во сообраќајот.
Ново на Сител
-
15 години клиничка болница “Аџибадем Систина”
-
„Царините од САД се резултат на грешка“ – Мицкоски очекува да се коригира одлуката
-
Инфлацијата се смирува, мерките за ограничени цени и маржи, според надлежните - даваат резултат
-
18 прекршоци за неисправност и непочитување на пловилата
-
Матичните лекари, гинеколозите и стоматолозите добиваат повеќе пари
-
Меџити: Само Таравари гледа можност за соработка со ДУИ
-
Филипче доби 4-годишен мандат со поддршка од 18.000 членови на СДСМ
-
Априлски снег во Охрид