Македонија
20. October 2024 - 16:43

Партиски реакции: Одговорност за Арсовска за птичјиот грип во зоолошка

По потврдата на птичјиот грип на гуска во Зоолошката градина, од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека поради негрижата на скопската градончалничка Арсовска била на праг да предизвика епидемија во Скопје од опасната болест. Од партијата на Мицкоски велат дека единствено што правела Арсовска за Зоолошката е да менува директори. 

„Но, што направи таа? Скопската Зоолошка ја претвори во еден хорор филм, каде за помалку од три години направи помор и таму починаа повеќе од 40 егзотични животни, установа која ја пратат само инциденти. Сепак, доколку не се ангажираа институциите во Зоолошката ќе се случеше катастрофа од невидени размери. Здравјето на граѓаните и здравјето на вработените во оваа установа е пред се, сметаме дека институциите реагираа навремено и професионално“, изјави Стефан Кирков, советник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ 

Кирков тврди дека евтаназијата на животните што имале близок контакт со заболената гуска била направена по стандарди и практикувана во сите зоолошки градини. 

Од ЛДП пак, уште порадикално бараат целосно пломбирање на Зоолошката и оставка на градоначланикчката Арсовска.

„За хаосот кој владее треба да се има и чин на морална одговорност - оставка на градоначалничката на Скопје која законски има можност да ги поставува по сопствена одлука директорите на градските институции вклучително и на ЗОО која е подолго време оставена сама на себе... Здравјето на посетителите, децата и вработените е сериозно загрозено поради сомнеж за појава на птичји грип, дојде до итна евакуација на истите, но не смее да се заборават и животните кои секојдневно полека умираат во тоа мачилиште“, реагираат од градската организација на ЛДП.

Од таму потсетуваат и на претходните инциденти во зоолошката градина, како смртта на жирафите, тигрицата, слоницата и лавот.