ССК задоволни од условите за кредитите од унгарскиот заем
Компаниите задоволни од условите за кредитите од унгарскиот заем. Од Сојузот на стопански комори велат дека каматата е ниска, но добро ќе им дојде и грејс периодот. Ваквите услови, според нив, ќе ги охрабрат производните компании да инвестираат.
- Конечно од есенцијално значење се сфаќа дека се производните компании. Тие се носители на додадена вредност во Македонија. Чинам дека се околу 15%. И сметаме дека е ова силен и квалитетен исчекор напред.
Ја охрабруваат Владата доколку може да пушти и повеќе пари од оптег за да се отвори инвестицискиот круг.
- Ако се сега 300 милиони евра, ако има потреба, чинам за милијарда евра, нека има и толку. Нека се отвори тој инвестициски круг. Многу е важно да се инвестира силно. Тука не би навлагал во кој, како што, туку би навлегол во тоа, да ги исполнуваат условите, да бидат соодветни компании коишто ќе си ги регулираат тие обврски и конечно да дојдат парите во производните компании. Посебно во домашните производни компании. Ова го напоменувам зашто сметам дека производните компании со домашни сопственици се можеби клучниот сегмент каде треба да допрат овие финансии, вели Ѓорѓиевски.
Побаравме став и од Стопанската комора, дали и тие се задоволни од условите, со оглед на тоа што во неа членуваат главно најголемите компании во државата, но до подготовка на прилогот, не го добивме.
Премиерот Мицкоски вели дека со унгарските пари, државата подготвена ќе ја пречека можната економска криза на пролет, поради кризата во автомобилската индустрија. Вели дека друг можен проблем била енергетската стабилност,но уверува дека државата е подготвена за можна нестабилност.
Очекува, инвестицискиот круг да биде околу 800 милиони евра. Половина милиони преку општините, а 300 преку компаниите, со оглед на тоа што и тие ќе треба да учествуваат со околу 20% од целокупната инвестиција за која ќе земат пари.
- Тоа е алатката против евентуалната економска криза поради кризата во автомобилската индустрија, во Европа. Оние 2 реални проблеми кои ги антиципиравме коишто можат оваа зима и пролет да бидат проблеми, мислам дека подготвени ќе ги пречекаме. Ова е жива материја, проблеми има секој ден. Решаваме тековно, но ова беа оценети како главни приоритети за решавање.
По преговори со банките, државата договори каматна стапка од 1,95% за стопанството. Ќе добијат и три години грејс период, а имаат опција за отплата до 15 години. Најголем кредит кој може да биде одобрен е 10 милиони евра.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар