Свет
13. October 2024 - 9:02

Парламентарни избори во Литванија, локални во Белгија

Околу 2,4 милиони луѓе денеска ќе гласаат за новиот состав на Парламентот (Сеимас) на Литванија. Седумдесет пратеници ќе бидат избрани од партиските листи и ќе им се придружат на тие во едномандатните изборни единици кои освоиле повеќе од 50 отсто од гласовите. Вториот круг од парламентарните избори ќе се одржи на 27 октомври, каде поголемиот број од едночлените изборни единици ќе гласаат за еден од водечките кандидати.

Според анкетите Социјалдемократската партија предводена од Вилија Блинкевичиуте, на би добила 18 отсто од гласовите, додека Татковинската заедница на актуелната премиерка Ингрида Шимоните би добила девет проценти, додека за Нова партија би гласале 12 отсто од граѓаните.

Литванија има двоцифрен годишен раст на личниот доход и има една од најниските стапки на инфлација во ЕУ, но граѓаните не се задоволни од конзервативната Влада на премиерката Шимоните. Таа се соочи со критики за строгите мерки за време на пандемијата, при што многумина се жалат дека нејзината влада не направила доволно за да им помогне на компаниите за време на карантинот и дека илјадници луѓе немаат соодветен пристап до здравствените услуги. Шимоните, исто така, беше критикуванa за справувањето со мигрантите кои пристигнуваат од Белорусија. Литванија ги обвини Минск и Москва дека ги организирале мигрантите. 

Во Белгија денеска се одржуваа локални избори на кои треба да бидат избрани членовите на 10 провинциски и 583 општински совети, со што ќе се заокружи формирањето на новите органи на власта на сите нивоа на власта по националните и регионалните избори одржани во јуни годинава. Основна карактеристика на локалните органи на власта во Белгија е што партиската соработка во провинциите и општините често отстапува од националните и регионалните рамки, како во врска со креирањето политики, така и во формирањето коалиции. Во пресрет на изборите останува прашањето дали ќе продолжи досегашната доминација на левицата на локално ниво во Фландрија и Брисел, имајќи пред вид дека на јунските избори во овие два региона најмногу гласови освои либералното Реформско движење (МР), а значаен пробив оствари и центристичката партија Посветените (ЛЕ). Во Фландрија, пак, каде во претходните изборни циклуси доминираше десницата, во јуни раст на освоените гласови во споредба со 2019 година забележаа социјалдемократската партија Напред (Ворујт) и екстремно левичарската Работничка партија на Белгија (ПВДА).

Во Брисел, каде Социјалистичката партија (ПС) има шест од 19-те општински градоначалници и учествува во власта во над половина од општините, социјалистите се соочуваат со сериозен предизвик од либералите, Работничката партија и независната листа на Фуад Ахидар. Актуелниот бриселски градоначалник, социјалистот Филип Клоз се бори за реизбор, но ќе има сериозна конкуренција во кандидатот на МР, Давид Вејцман, кој има за цел на либералите да има ја врати градоначалничката функција во Брисел што ја загубија во 2000 година. Либералите, кои сега имаат само два градоначалници во Брисел, очекуваат значително зголемување на нивниот број на денешните избори. Пред сериозен предизвик е и бриселската регионална центристичка партија Независни федералистички демократи (ДЕФИ), која има градоначалници во три бриселски општини, но имаше слаби изборни резултати во јуни. Екологистите, кои не поминаа премногу славно на јунските избори, особено франкофонската Еколо, се надеваат да опоравување на денешното гласање. Досега, Еколо имаше три градоначалници во Брисел, шест во Валонија и учествуваше во власта во 75 општини во двата региони. Партијата ја зголеми својата популарност во минатата деценија додека беше во опозиција, но нејзиното учество во федералната и регионалните влади резултираше со намалување на бројот на нејзините поддржувачи.

На ниво на Валонија, ПС има 78 градоначалници и учествува во локалната власта во 140 од вкупно 261-та општина, но нејзините позиции се очекува да бидат сериозно загрозени од МР и ЛЕ. Во Фландрија се проценува дека доминацијата ќе ја задржи десничарската Нова фламанска алијанса (Н-ВА) на кандидатот за нов белгиски премиер и градоначалник на Андерлехт, Барт Де Вевер, но нејзините позиции можат сериозно да бидат поткопани од екстремно десничарската партија Фламански интерес (ВБ), која се очекува да победи во источниот дел на фламанскиот регион.По дебаклот на изборите во јуни, партијата Отворени фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) на белгискиот премиер во заминување Александер Де Кро, се очекува „да се поврати“ на денешното гласање, имајќи предвид дека таа по правило ужива поголема поддршка на локално ниво. Локалните избори во Белгија се одржуваат на шест години и годинава се случи тие да се одржат само четири месеци по европските, националните и регионалните избори. Ваквата состојба резултираше со воздржаност на партиите околу постигнувањето договори за коалициска соработка на повисоките нивоа на власта и утврдување на програмите за работа со очекуваните непопуларни мерки за штедење, поради што се јавија предлози за измени на законодавството за локална самоуправа, со што органите на локалната власт би се бирале на пет години, заедно со федералниот и регионалните парламенти. Инаку, за денешните избори во Фландрија беше изменето законодавството со тоа што гласањето не е задолжително, како што се случај со изборите на останатите ниво.

Во другите два белгиски региони – Брисел и Валонија гласањето на овие избори останува задолжително.

Право на глас на локални избори во Белгија, покрај белгиските државјани, имаат и странци со легален регулиран престој во земјата. Со изборните измени во Фландрија, странците со право на глас веќе не се гласачи по автоматизам, туку мораа да се регистрираат доколку сакаат да гласаат. Во пресрет на денешните избори во петокот беа извршени хакерски напади врз веб-страницата на фламанскиот регионален Парламент и на неколку белгиски медиуми, меѓу кои и на државната новинска агенција Белга и на дневниот весник на холандски јазик „Стандард“.

Во објава на „Телеграм“, одговорност за нападите презеде проруската хакерска група „НоНејм057“.

 – Белгиската Влада наскоро ќе го разгледа предлогот за набавка и доставување на три артилериски системи „Цезар“ на Украина.

Решивме да ја посетиме русофобичната Белгија и да им покажеме како завршуваат иницијативите за поддршка на криминалниот режим во Киев, се наведува во објавата на хакерската група, при што се додава дека „в недела на 13 октомври, Белгија ќе одржи важни избори: граѓаните ќе ги изберат своите локални советници“.

Сепак, премиерот Де Кро во вторникот изјави дека според експертите за кибер безбедност, овие хакерски напади „не можат на кој било начин да влијаат на изборите“. Ова инаку беше петти хакерски напад во Белгија во периодот пред локалните избори, при што, меѓу другите, беа хакирани повеќе владини и општински сајтови и страници на компании за банкарски услуги. Цел на хакерски напад беше и сајтот на Центарот за кибер безбедност на Белгија (ЦЦБ), кој соопшти дека нападите „не се опасни“ и „претставуваат само непријатност“.