Македонија
30. October 2015 - 13:57

Отворена 7. Меѓународна конференција за човечки ресурси

Во организација на  Македонската асоцијација за човечки ресурси, денеска во Скопје се одржува седмата  Меѓународна конференција за човечки ресурси, годинава на тема „Искуство и иновативност“. Учествуваат практичари, експерти и најуспешните менаџери во  областа на човечките ресурси од Хрватска, Словенија и Бугарија.

Целта на настанот е да се разменат искуства за тоа како иновативноста може да биде поттикната во организациите. Ќе биде доделена и наградата за најдобар менаџер за човечки ресурси во Македонија. 

Директорката на Асоцијацијата Христина Лозановска на отворањето на конференцијата истакна дека значаењето на настанот произлегува од потребата за се поголема промоција на теми поврзани со човечките ресурси. Со здружување на сите прогесивни сили, рече таа, ќе и се даде значење на оваа област важна за секоја компанија.

- Главна тема на конференцијата е искуството во професијата менаџмент со човечки ресурси и поврзување со иновативноста, која е главна карактеристика на бизнисот што обезбедува конкуретска предност, додадена вредност на компаниите и нивниот бизнис, пред се водена преку вработените. Не може да се заборави човечката димензија на иновативноста, а во исто време и движењето на процесите во организацијата, кое се случува преку ангажманот на менаџерите за управување со човечките ресурси, изјави Лозановска.

Учесниците на конференцијата ги поздрави заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски кој истакна дека развојот и унапредувањето на човечкиот капитал, како најважен ресурс за придвижување на една организација, е основа за креирање на стратешките политики во многу области. 

- Од исклучително значење денеска е поврзаноста на инвестициите и развојот на човечките ресурси и нивно поврзување со иновациите - област во која ние како Влада и Министерство иннвестираме многу. Во изминатиот период беше формиран и Фондот за иновации и технолошки развој во РМ. Како ресорно Министерство даваме поддршка на една ваква конференција затоа што развојот на човечките ресурси зависи од иновациите, а истовремено - иновациите зависат од развојот на човечките ресурси. Само на тој начин Република Македонија ќе може на сите нивоа да се развива како конкурентно општество во сите области, пред се на пазарот на трудот, рече Ристовски.