Отворен третиот Скопски цветен фестивал
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Душан Авировиќ денеска го отворија третиот Скопски цветен фестивал, кој викендов се одржува во вториот дел од Градскиот парк, на просторот спроти „Паркот за миленици“.
- Скопскиот цветен фестивал е традиционална градска манифестација која го слави цвеќето, зеленилото, природата и другарувањето на отворено. Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ и годинава го организираат фестивалот на цвеќето, рече Трајановски и ги покани скопјани да го посетат фестивалот и да уживаат во цвеќињата и цветните аранжмани.
Тој истакна дека последните неколку години Скопје стана град на цвеќето.
- Преку континуирани акции, Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ со цвеќе уредија голем број јавни површини со што придонесовме за разубавување на просторот. Нашата заложба сакаме да ја пренесеме и на другите институции, на приватниот сектор, но и на граѓаните да ја чуваат и заштитуваат средината во која живеат и да вложат во разубавување на околината, рече градоначалникот Трајановски.
Во рамки на фестивалот има Цветен центар, каде се претставуваат фирми-излагачи од земјава и од странство, чија дејност е од областа на хортикултурата и производството на цветен и саден материјал. Годинава тука се Грин планет, Хорти дизајн, Китка, Розен центар Фоја, Пинар С, ЈП „Паркови и зеленило“, Флораком, СУГС „Ѓорѓи Димитров“, Хортикултура МК (портал за хортикултура), Шумарски факултет Скопје и други.
На цветниот фестивал ќе се организираат креативни работилници за сите возрасни групи. „Мојот прв насаден цвет“ е работилница за деца и изработка на цветни оригами, венчиња од цвеќе, ќе има работилница за изработка на цветен аранжман, основи на фотографија, цртање и боење, драмски перформанси, ликовни работилници...
Предвидено е уредување на цветни градини, а посетителите ќе добијат стручни совети за хортикултурно уредување. Совети ќе даваат професори и дипломци од Шумарскиот факултет, СУГС „Ѓорѓи Димитров“ (насока хортикултура), како и останати стручни лица со искуство во планирање, уредување и одржување на зелениот простор.
Во рамки на фестивалот има забавни и едукативни игри, ритмички и танцови групи, јога, пилатес, музички групи, отворена галерија, мултимедијални перформанси и тематски претстави.
На отворањето на цветниот фестивал денеска му претходеше цветно дефиле, во кое учествуваа околу 450 деца од градинките и основните училишта, како и велосипедисти од неколку велосипедски здруженија. Дефилето тргна од пред фонтаната „Лотосов цвет“ во Градскиот парк и се движеше низ Градскиот парк кон локацијата на фестивалот.
За посетителите, Скопскиот цветен фестивал ќе биде отворен денеска до 20 часот, а утре од 10 до 18 часот.
Ново на Сител
-
Порастот на температурите ги зголемува ризиците од труење со храна, да се направи правилен избор при нејзина набавка
-
Таткото на Вања ослободен од обвинението
-
Палчо, Видевски, Манев и Кешишов осудени на доживотна казна затвор
-
Николовски: Од Блискиот Исток до Балканот - нафтата стана оружје, а енергијата економски адут
-
Во Иран обесени три лица за наводна шпионажа за Израел
-
МНРиНТ: Мајка и три деца евакуирани од Израел со лет од Тел Авив до Атина
-
Афродита заминала на престој во Холандија, кога се вратила начекала изградена куќа во дворот во Чаир
-
Влада: Преку кампања купувај домашни земјоделски производи ќе го зголемиме производството и потрошувачката