Македонија
13. February 2022 - 14:35

Отчет на кумановскиот градоначалник Димитриевски за 100 дена од мандатот

Спортски игралишта, реконструкции и вложувања во училишта, асфалтирање и реконструкции на улици во градот и селата се дел од реализираните проекти за кои денеска отчет даде кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Тој кажа дека кумановци на изборите избрале граѓански концепт, концепт на соживот, на нови проекти за модерен град. Мандатот доделен од граѓаните рече дека е мотив и одговорност за реализација на ветените проекти во кампањата, некои продолжени од првиот мандат.

– Подобрување на инфраструктурата во целата општина беше и продолжува да биде наш приоритет фокусирано како во претходниот, така и во новиот мандат, рече Димитриевски.

Тој ги наброја улиците „АСНОМ“, петнаесетина улици во населбата Карпош, во село Костурник, Агино Село, улица кон Проевце. Поставен е бекатон на повеќе улици во централно градско подрачје, но и во приградските населби, почната е изградба на нов кружен тек. Во училиштата се набавени нови смарт табли, училиштен мебел, саниран е кровот на гимназијата, има ново осветлување, нова фасада, и внатрешно уредување, нови врати, прозорци, спортска опрема и за други кабинети.

Во техничкото училиште има нова фасада, прозорци, врати во „Магдалена Антова“, вложено е во ОУ „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, во „Битолски конгрес“ во Лопате во „Вук Караџиќ“ и во училиштето во Умин Дол кое целосно се реконструира. Општината вложила во систем за греење, во прозорци, училиштен мебел во „Перо Наков“ и за македонски и за албански наставен јазик.

Од вложувањата во спортски капацитети, Димитриевски го посочи покривот на спорстака сала, мултиспортски игралишта во двете централни училишта, во села Клечовце, Агино и Романовце, во тек е изградба во Пчиња. Од аспект на инклузивноста и социјална заштита Димитриевски ги напомена инклузивното игралиште во „Браќа Миладиновци“, реконструкција на 17 соби за старите лица во „Зафир Сајто“.

Тој ги спомна и средбите со амбасадорите со кои, рече, разговарале за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. За проектите се заблагодари на советниците кои дале поддршка.

– Предвидовме до 2025 година реализација на 800 проекти, инфраструктура, спорт, култура, вложувања во образование, рече Димитриевски.

Одговарајќи на новинарски прашања тој рече дека за годинава има развојна програма која се темели на реален буџет, дваесетина инфраструктурни проекти за 2022, изградба на нови, реконструкции на повеќе улици, два кружни текови, Смарт парк, две нови спортски игралишта, нови вложувања во образованието.

Во однос на аерозагадувањето, Димитриевски рече дека поради енергетската криза сега малку се говори за овој проблем, за кој општината има краткорочни и среднорочни методи, аеросолизација, озеленување и гасификација.

– Испорачавме гас на болницата, останува нивна одлука кога ќе го имплементираат, ќе обезбедиме рекорден број садници пролетва. Но со покачување на цената на гасот, голем број граѓани и јавни институции поради финансиски неможности да ги платат сметките се враќаат на други форми на затоплување, нафта, домаќинствата на огревно дрво, што го покачува степенот на загадување. Верувам дека ќе се надмине кризата и ќе влеземе во процес на гасификација за да се добие битката со аерозагадувањето, рече Димитриевски.

Тој спомна дека е вложено во систем за мерење на аерозагадување што покажува различен степен на аерозагадување.

Одговарајќи на новинарско прашање во однос на присуство на група граѓани, странци, во населбата Зелен рид, Димитриевски рече е запознаен, дека кумановци се гостпримливи за сите кои со добра намера го посетуваат градот, но дека официјален став треба да дадат надлежните институции.

– По однос на второто прашање, запознаен сум од социјалните медиуми, мене ме нема контактирано ниту една официјална државна институција за појава на група на луѓе кои се дојдени во Куманово да престојуваат. Согласно законот, знаете дека МВР има надлежност во делот на уредување на престојот на лицата кои доаѓаат од странство, странци и верувам дека во следниот период ова ресорно министерство ќе излезе со официјална изјава во јавноста. Според мене како градоначалник, ние како кумановци секогаш сме подготвени, гостопримлив народ и даваме гостопримство на секој оној којшто доаѓа во нашиот град со добри намери. Но повторно ќе кажам ќе оставам на официјалните институции да излезат со свое видување и став, основ за престој и поради кои причини лицата се тука, рече Димитриевски одговарајќи дали е информиран за присуство на група граѓани во населбата Зелен рид.

Пред присутните пратеници од сите партии во Собранието, претставници и директори на установи, институции и медиуми беше промовиран и видеозапис од реализираните проекти.