Македонија
18. August 2021 - 21:26

Османи со честитка за националниот ден на Авганистан: Република Македонија останува ваш пријател

Да се биде солидарен не значи само да се повторуваат пораките за солидарност, туку да се преземат дела кога е тоа потребно, особено кон оние на кои тоа им е најпотребно, напиша на Фејсбук министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

– Ние сме солидарна држава и тоа сме го покажале многупати досега. Ништо поразлично не правиме ниту сега.
Донесовме одлука да подадеме рака кон оние кои во моментов тоа им е најпотребно. Тоа се луѓето од Авганистан, наши сојузници и нивните семејства. Тоа се наши пријатели, луѓе како нас, кои ги делат нашите вредности, и на кои не по нивна вина денес им е загрозен животот и нивната безбедност.

И ова не го правиме сами, туку е ова израз на нашата солидарност заедно со нашите сојузници – затоа што сме партнери и во добро и во лошо. Заедно влеговме и заедно излеговме од Авганистан – и сега заедно ќе ја преминеме и оваа криза, и овој предизвик.

Утре е националниот ден на Авганистан. Честитајќи им го овој ден на сите Авганистанци сакам да порачам – Република Македонија останува ваш пријател, стои во објавата на Османи.