Македонија
19. February 2026 - 12:19

Почна струмичкиот карневал

Струмица има нова локална власт, карневалска. Од синоќа карневалџиите и официјално го презедоа раководството со градот и ќе бидат на негово чело цела недела.

Со симболичното предавање на градскиот клуч од градоначалникот Петар Јанков на карневалскиот одбор, и официјално беше означен почетокот на карневалските свечености. Јанков на сите учесници во карневалот  им посака да го имаат најдоброто издание досега, но и да бидат добра власт.

Во име на карневалскиот одбор и на сите карневалски групи, клучот го презеде претседателката Танкица Стојанова, која најави недела исполнета со позитивна енергија, многу насмевки, музика и дружење.

Во рамки на првиот ден од програмата беше отворена и изложба на маски од Цветко Багашовски, кој 35 години во континуитет учествува на струмичкиот карневал. Свеченостите продолжуваат вечерва со карневалскиот мјузикл Аладин и волшебната ламба. Кулминацијата се очекува во сабота со интернационалната карневалска вечер, кога само во официјалната поворка треба да продефилираат над 1.000 маскирани лица од земјата и странство.