Османи: Може да ги завршиме поглавјата за членство во ЕУ за четири до пет години
За четири до пет години, може да ги завршиме поглавјата за членство во Европската унија имајќи предвид дека 40 отсто од работата веќе ја имаме завршено, изјави денеска министерот за надворешни работи и претседателски кандидат на Европскиот фронт, Бујар Османи.
– Можеме за четири до пет години да ги затвориме поглавјата, имајќи предвид дека веќе 40 отсто од работата ја имаме завршено. Предничиме од сите држави во регионот, можеби тоа е бидејќи сме долго време во процесот, меѓутоа тие 60 отсто што останаа незавршени како преземање на европско законодавство, можеме да го завршиме за четири до пет години. Потоа оставам една до две години за ратификации во парламентите на земјите членки на Европската унија и до 2030 може да станеме земја членка на ЕУ, рече Османи.
Доколку ја добие довербата од граѓаните за извршување на функцијата претседател на државата, Османи ќе иницира изборот на претседателот на државата да биде во законодавниот дом, бидејќи според него, тоа ќе ја деполаризира политичката сцена. Вели на тој начин претседателот ќе биде плод на консензус на политичките партии во македонскиот и албанскиот блок, како и деполаризатор кој ќе обезбеди државата да не биде во перманентни политички кризи.
Изборот на претседател со консензус во законодавниот дом, додава Османи, не е етничко прашање.
– Јас ќе иницирам една таква идеја за да постигнеме консензус во општеството по тоа прашање, бидејќи тоа не е прашање кое што е етничко и ги засега Албанците, туку уште повеќе ги засега Македонците и македонските политички партии. Повеќето претседатели се именувани со презиме, а не со претседател, бидејќи не беа признаени од опозицијата. Тоа значи дека тој претседател не можел да ја врши својата работа како татко на нацијата, рече Османи.
Во врска со тоа дали уставните измени ќе бидат услов за идни коалицирања, Османи потенцираше дека тоа е еден од столбовите за преговарање со политичките партии.
Османи како претседателски кандидат денеска на лидерите на Европскиот фронт им ја врачи предизборната програма наречена „Декалог на европскиот претседател“.
На презентацијата на Декалогот присуствуваа лидерите на политичките партии кои се дел од Европскиот фронт, Али Ахмети од ДУИ, Мендух Тачи од ДПА, Зијадин Села од АА, Скендер Реџепи Зеј од Движење на народот, Аријанит Хоџа од Европската демокартска партија, од Демократската партија на Турците на Македонија Бејџан Иљас и Фатима Османовска од Унија на Ромите.
Ново на Сител
-
МВР откри терористичка ќелија која организирала напади во Македонија и регионот
-
Од денеска во маркетите над 800 производи се со намалени цени
-
Германија и Словенија со нон пејпер бараат да се укине можноста за вето поради билатерални прашања
-
Годишнина од формирањето на Движењето ЗНАМ
-
Информативната редакција на Сител со Роберт Поповски
-
30 години информативна редакција на Сител со Зоран Иванов
-
30 години информативна редакција на Сител со Васко Ефтов
-
Интервју со Ели Пешева