Осакатувањето женски гениталии, принудните бракови и онлајн демнењето стануваат кривични дела во ЕУ
Осакатување на женските гениталии, принудните брак, споделувањето интимни фотографии без согласност и онлајн демнењето, вознемирувањето и поттикнувањето на омраза или насилство ќе станат кривични дела во Европската Унија по усвојувањето на директивата за спречување на насилството врз жените и семејното насилство, за чија содржина е постигнат договор меѓу белгиското претседателство со Советот на ЕУ и Европскиот парламент.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, овој прв посебен закон за оваа проблематика на ниво на ЕУ утврдува минимални правила во врска со дефинирањето на конкретни кривични дела и казни за справување со овие форми на насилство, а, исто така, ги регулира и правата на жртвите и предвидува нивна заштита.
Белгискиот вицепремиер и министер за правда и Северно Море, Пол Ван Тигхелт, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, по постигнувањето на договорот за директивата изјави дека сексуалното и семејното насилство, уличното вознемирување или онлајн злоупотребите се секојдневни закани со кои се соочуваат многу жени во Европа.
Освен тоа, според него, жените премногу често плаќаат со своите животи за раскинување на врските, а дури и присилните бракови и гениталното осакатување не се целосно искоренети од европското општество.
– Мораме да ставиме крај на ова. Со новата директива, земјите членки преземаат важни чекори за колективно да се спротивстават на овие тешки злосторства, со акцент на превенцијата и доследното казнување, изјави Ван Тигхелт.
Слични гледишта беа искажани и од поединци на Твитер. Според нив, со изменет закон, ќе се доведе до несериозни обвиненија против мажи и ќе го направи опасно стапувањето во брак.
Според белгиската државна секретарка за родова еднаквост Мари-Колин Лероа, договорот претставува голем чекор напред за подобра заштита на жените и девојчињата од насилство во нивните домови, на работа, на улица, офлајн или онлајн.
– Директивата има важно поглавје за превенција за да се дејствува против основните модели на принуда, моќ и контрола и да се преземат конкретни мерки за спречување на силувањето. Земјите членки испраќаат силна порака: повеќе не прифаќаме дека сте повеќе изложени на ризик ако сте жена, отколку ако сте маж, изјави Лероа.
Покрај воведувањето заеднички правила на ниво на ЕУ за дефинирање на кривичните дела поврзани со семејното и насилството врз жените и казните за нив, директивата предвидува и „отежнувачки околности“, како што се повторување на делото, вршење насилство врз ранлива личност или дете или употреба на екстремен степен на насилство.
Со новиот закон на жртвите на овие форми на насилство им се овозможува полесен пристап до правдата и се обврзуваат земјите членки да обезбедат соодветно ниво на специјализирана заштита и поддршка.
Кога жртви на вакви форми на насилство се малолетници, се предвидува пружање помош од професионалци обучени да работат со деца. Доколку извршител на чинот на насилство е родител или старател, пред да го информираат за пријавувањето, властите ќе треба да преземат мерки за заштита на детето-жртва.
Владата на Република Северна Македонија на последната седница ги разгледа и усвои Стратегијата и Акцискиот план за превенција и заштита на децата од насилство во Република Северна Македонија.
За да се заштити приватноста на жртвите и да се спречи нивна повторна виктимизација, законот предвидува доказите поврзани со сексуалното однесување на жртвата во минатото да може да бидат презентирани во кривичната постапка само ако тоа е релевантно и неопходно.
Директивата, исто така, на жртвите на насилството им гарантира право да бараат целосна компензација од сторителите.
Со договор, специјализираните центри за помош се обврзани да им бидат достапни на жртвите за совет и поддршка, да им дадат информации за пристап до правно советување и да им обезбедат помош за наоѓање засолниште и медицинска нега. Во тој контекст, секоја земја членка е обврзана да воведе бесплатна телефонска линија за помош на национално ниво, која ќе им биде достапна на жртвите на насилство 24 часа во текот на денот.
Дополнително, земјите на ЕУ мора да покренат кампањи за подигање на свеста за спречување на семејното и насилството врз жените, како и за разбивање на штетните родови стереотипи и за промовирање на родовата еднаквост и меѓусебно почитување.
– Насилството врз жените и девојчињата е едно од најсистематските и најчестите прекршувања на човековите права на глобално ниво. Директивата за која се согласија претседателството и Европскиот парламент ќе биде првиот правен инструмент кој конкретно го таргетира насилството врз жените и семејното насилство на ниво на ЕУ, посочува Европскиот совет.
Ново на Сител
-
Пронајдена почината британка на улица во Скопје
-
Под истрага 18 членови на „Беланоца – Барон“
-
Претседателката Сиљановска Давкова го прими специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Стјуарт Пич
-
ДСЗИ со вонреден инспекциски надзор за починатото седуммесечно бебе
-
Тошковски: Кривична пријава за поранешниот премиер и вицепремиер
-
Седуммечесно бебе почина на Детската клиника
-
Финансиски соработник во СОЗР осомничен за злоупотреба на службената положба, 23 други лица осомничени за прикривање
-
Сијарто: На Украина и треба примирје, а не дополнително вооружување