Свет
6. November 2015 - 8:39

Организирано враќање на британските туристи од Шарм ел Шеик

Британските авионски компании ќе почнат денеска со операција за организирано враќање на Британците, кои се на одмор во египетскиот туристички центар Шарм ел Шеик на Црвено Море, соопшти Даунинг стрит 10.

Во операцијата за префрлање на туристите, учествуваат авиони на „Бритиш Ервејз“ и „Изи Џет“, како и летала на туристичките оператори „Монарх“ и „Томсон“.

Целата операција ќе биде изведена со примена на специјални мерки за безбедност. Британските туристи ќе можат во авионите да внесат само личен багаж, додека нивните куфери ќе бидат посебно префрлени од Египет во Велика Британија.

Неколку илјади Британци останаа заробени на брегот на Црвеното Море, откако британската Влада одлучи да ги суспендира сите летови кон и од летувалиштето Шарм ел Шеик на Синајскиот Полуостров.

Ваквото решение беше донесено во средата, по примените разузнавачки сознанија дека рускиот патнички авион, што во саботата се урна во Синај, само 23 минути по полетувањето од Шарм ел Шеик, најверјатно паднал како последица на „експолозивна направа“ што била внесена во леталото.

Британските туристи ќе бидат префрлани до лондонскиот аеродром „Гетвик“, како и до аеродромите во Манчестер и во Бирмингем.

Египетскиот претседател Абдул Фатах ал Сиси кој се наоѓа во посета на Велика Британија, изјави во Лондон дека безбедносните мерки на аеродромот во Шарм ел Шеик биле значително засилени уште пред десет месеци и тоа на барање на британската Влада.

Ал Сиси изрази надеж дека Египет во соработка со Велика Британија, ќе работи за враќање на нормалната состојба што е можно поскоро.