Македонија
3. December 2018 - 14:18

Омбудсман: Градинките не ги нудат потребните услови за прием и оптимален развој на секое дете

 Предучилишното образование не ги нуди потребните услови и можности за прием и оптимален развој на секое дете. Во отсуство на механизми за системско идентификување, евидентирање и следење на децата со попреченост од најрана возраст, во голема мера  се намалуваат можностите за рана стимулација, што го отежнува престојот на децата со попреченост во градинките, кој се сведува најчесто на згрижување, но не и на воспитна компонента  и ран стимулативен развој.

Ова го покажува извештајот од спроведеното истражување за вклученоста на децата  со попреченост во предучилишното образование изготвен врз база на податоците од анкетните прашалници доставени до предучилишни установи  во Македонија во периодот 2017/2018 година, а  подготвен од канцеларијата на Народниот правобранител, невладината организација  „Отворете ги прозорците“ со финансиска поддршка на Европската Унија и канцеларијата на УНИЦЕФ.

-Од анализата на податоците од прашалниците доставени до 58 детски градинки произлегува дека во претходната и тековната година во 39 градинки има згрижено деца со попреченост. Притоа вкупниот број деца со попреченост во овие градинки изнесува 415, рече на денешната прес -конференција заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска Мустафа.

Најголем дел од овие деца односно 104, како што додаде таа, се деца со аутизам, веднаш зад нив се децата со интелектуална попреченост (101), а најмалку, односно само седум дечиња се со оштетен вид.

 

-Од останатите категории со попреченост, градинките преку анкетниот прашалник пријавиле 70 деца со комбинирани потешкотии, 13 деца со телесна попреченост и 42 деца со оштетување на слухот и говорот од потежок степен, рече Бајрамовска Мустафа.

Истражувањето покажало дека градинките што се изградени на две, па и на повеќе нивоа, немаат лифт, а нивоата се поврзани со скали. Рампите на влезот не се секогаш градени според стандардите, а занималните се проектирани за 20 деца, а во групите има над 30 деца.

Дури 58,5 отсто од градинките одговориле дека не располагаат со дидактички помагала, а 43,4 отсто кои имаат дидактички материјали се градинки во кои дефектолозите и/или логопедите изработуваат материјали за индивидуална работа со деца, или пак тоа се градинки кои учествувале на обуки.

Бајрамовска Мустафа посочи дека некомпетентноста на стручните тимови и отсуството на дефектолози во градинките ја прават потешка работата со децата со попреченост, бидејќи дефектолозите се клучни носители во инклузијата.

-Вклученоста на децата со попреченост во дополнителните и слободни активности и содржини е ограничена. Добиените податоци од анкетниот прашалник посочуваат дека децата со попреченост учествуваат само во дел од слободните активности. Нивното учество зависи од видот и степенот на попреченост, рече таа.

Приоритетни потреби кои ги имаат градинките, а што произлегуваат од анкетното истражување меѓу другото се вработување дефектолози, обуки за воспитувачите за работа  со деца до попреченост, подобрување на физичката пристапност до објектите, обезбедување пристапни педагошко-дидактички помагала, нагледни средства и технологија, обезбедување повеќе наменски финансиски средства за градинките за задоволување на индивидуалните потреби на децата со попреченост, како и измена на правната рамка.

Одговарајќи на новинарско прашање, Бајрамовска Мустафа рече дека во Македонија нема точна бројка за лицата со попреченост