ОЈО Скопје донесе одлука во корист на правото на информирање на граѓаните за прашања од јавен интерес
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава против еден новинар и една телевизиска куќа, кои беа пријавени за кривично дело – Неовластено прислушкување и тонско снимање од член 151 од Кривичниот законик. Подносителката на пријавата за време на пријавениот настан извршувала работни задачи на работно место – раководител на Одделението за односи со јавноста и информации за граѓаните во Град Скопје. Таа тврдела дека и била нарушена приватноста затоа што новинарот телефонски ја снимил и снимката ја емитувал во Дневникот на националната телевизија, со цел да ја праша за сообраќајниот метеж предизвикан од нефункционирање на сообраќајната сигнализација во Скопје.
За постоење на кривичното дело – Неовластено прислушкување и тонско снимање, потребно е сторителот тонски да снима изјава којашто му е наменета, без знаење на тој што ја дава, со намера таквата изјава да ја злоупотреби или да ја пренесе на трети лица, односно потребно е сторителот непосредно да ја пренесе таквата изјава врз трети лица. Всушност, се работи за неправо кое се заснова врз противењето на оштетениот неговата изјава да биде регистрирана, односно пренесена на трето лице, како и врз посебната намера на сторителот за злоупотреба на изјавата или за нејзино пренесување врз трети лица.
Испитувајќи ги наводите во пријавата, надлежниот јавен обвинител презеде повеќе дејствија, при што целосно го испита и потврди неформалното својство и работните задачи на подносителката во администрацијата на главниот град, како лице задолжено меѓу другото да остварува комуникација со медиуми во однос на активностите на органите на Градот Скопје, јавните претпријатија и јавните служби коишто се во надлежност на Град Скопје, иако таа тврдела дека во критичниот момент била вработена на проект во ЈУ „Универзална сала“- Скопје.
Покрај ова, јавниот обвинител низ призмата на конкретни пресуди од праксата на Европскиот суд за човекови права се произнесе и во однос на правото на информирање на граѓаните за прашања од јавен интерес наспроти правото на приватност на пријавителката.
Имено, согласно домашното и меѓународното законодавство, новинарскиот упад во приватноста е оправдан само ако постои доволна причина за тоа, односно ако упадот е оправдан со обемот на потенцијалната штета која може да произлезе од него, ако постои добра причина за мотивот, односно упадот да биде оправдан во поглед на јавниот интерес и јавното добро кое ќе следи по објавувањето на информацијата, доколку користените методи се во согласност со сериозноста на приказната и нејзиниот јавен интерес, но и доколку упадот нуди разумни изгледи за успех. Тајното снимање, под коешто се подразбира и снимањето без дозвола на телефонски разговори за можно емитување, како метод на крајна нужда во новинарското истражување, неспорно претставува упад во правото на приватност, но може да се користи кога тоа е оправдано со јасен јавен интерес. Европскиот суд за човекови права во Стразбур, преку пресудата во случајот Radio Twist a.s. против Словачка, нагласува дека тајните снимки во новинарското истражување, оправдани со јасен јавен интерес, особено може да се користат во ситуации кога истите не содржат невистинити и извитоперени информации, односно информации кои не предизвикуваат голема штета врз личниот интегритет и углед на лицето, чиешто право на приватност било предмет на упад при нивното обезбедување, како што е во конкретниот случај.
Надлежниот јавен обвинител, врз основа на прибраните и анализирани докази, оцени дека високиот јавен интерес во овој предмет е неспорен и дека обврска на пријавениот, како новинар кој ја обработувал предметната тема во конкретниот случај, било да ги повика на одговорност носителите на државни и јавни функции, да истражува и да ја расветли ваквата тема, бидејќи засегнатите граѓани на територијата на Град Скопје имале право да ги добијат таквите информации.
Од тие причини, јавниот обвинител оцени дека во дејствијата на пријавениот новинар и телевизијата не се содржани законски обележја на кривичното дело – Неовластено прислушкување и тонско снимање ниту пак на друго кривично дело за кое гонењето се презема по службена должност, па донесе одлука да ја отфрли пријавата. Донесеното решение е правосилно и потврдено од Вишото јавно обвинителство Скопје.
Воедно, имајќи предвид дека при секојдневното новинарско постапување, едно од клучните прашања кое создава дилема при остварувањето на нивната основна задача е токму прашањето за тоа што претставува јавниот интерес, бидејќи законските одредби не го дефинираат ова прашање, па новинарите како медиумски професионалци се ставени во ситуација да ја одредат рамнотежата, односно пропорционалноста помеѓу правото на приватност од една страна и правото на медиумите да објавуваат информации од јавен интерес од друга страна, Основното јавно обвинителство Скопје донесеното решение ќе го достави до новинарските здруженија и до невладините организации кои се занимаваат со прашањето на слобода на изразување во насока на поддршка на домашната правна пракса.
Ново на Сител
-
Заклучоци од седница на Влада
-
Медицински техничар од Србија спаси 4-годишно девојче од Македонија по срцев застој во Неа Врасна
-
Катарскиот премиер се надева дека Израел нема да го искористи примирјето во Иран за да продолжи со бомбардирање на Газа
-
За четири дена на грчките острови Крит и Гавдос пристигнале над 800 мигранти
-
Бројот на жртви во Газа надмина 56.000
-
Запленети мрежи со риба и риболовен алат на Охридското Езеро
-
75-годишен дедо почина по службен разговор во полиција во Охрид
-
Богојески заминува од функцијата директор на Национална агенција, ќе раководи со друга институција