Македонија
25. November 2025 - 14:44

ОЈО поведе постапка против пет лица за злоупотреби со стоковите резерви

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против пет лица поради основано сомневање дека како соизвршители сториле кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 4 и став 1 од Кривичниот законик.

Како што соопшти ОЈО, осомничените ја злоупотребиле својата службена должност со неизвршување на својата службена положба и иако биле должни да ја известат Владата за фактичката состојба во Јавно претпријатие за берзанско работење „Агро берза“ Скопје, односно дека е настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен (период од 2019-2021 година), истите доставиле неточни податоци и информации.

- Со ова дејствие лицата постапиле спротивно на Законот за стоковните резерви. Еден од осомничените, надворешен соработник, вешто лице ангажирано преку Бирото за процена постапил спротивно на одредбите од Законот за процена и спротивно на договорот за услуга склучен помеѓу пријавениот и Бирото за судски вештачења, при што изготвил вешт наод во кој внел невистинити податоци, не земајќи ги предвид сите податоци и целокупната документација од Агенција за стоковни резерви Скопје и ЈП „Агро берза“, стои во соопштението на ОЈО.

Натаму се додава дека вештиот наод бил приложен кон информацијата до Влада и истата била прифатена од страна на Владата, при што Агенцијата за стоковни резерви Скопје била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна, во вкупна вредност од 29.112.000 денари или 473.365 евра (во моментот на отписот по цените кои се набавувала пченицата и јачменот во 2022 година, вредноста на истата изнесувала 48.000.000 денари или 780.487 евра, која вредност преставува штета на Буџетот.

- Имајќи предвид дека станува збор за дело кое се гони во скратена постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и јавување во суд за сите осомничени, додаваат од ОЈО.

 

МИА