Одложен изборот на претседател на Владата на Каталонија
Претседателот на каталонскиот регионален Парламент, Роже Торен ја одложи парламентарната седница закажана за денеска, на која требаше да биде избран нов претседател на Владата на Каталонија.
Засега единствен кандидат за оваа функција е поранешниот претседател на каталонската Влада, Карлес Пуџдемон, кој се наоѓа во егзил во Брисел, а централните власти во Мадрид се обидуваат да го блокираат неговиот избор.
Торен по одлагањето на седницата, нагласи дека нема да предлага друг кандидат за претседател на каталонската Влада.
- Денешната седница е одложена, но не е откажана, изјави Торен, додавајќи дека Пуџдемон е единствениот кандидат за функцијата.
Според Торен, седницата на Парламентот ќе се одржи дури откако централните власти ќе гарантираат дека нема да се мешаат во изборот на претседателот на каталонската Влада.
Одлагањето на седницата уследи откако шпанскиот премиер Маријано Рахој денеска повтори дека Пуџдемон не може да биде кандадат за претседателот на каталонската Влада се додека живее во доброволен егзил во Брисел.
Со Каталонија последниве три месеци управува Мадрид, откако Рахој ги распушти регионалните власти поради еднострано усвоената декларација за независност во октомври минатата година, по што Пуџдемон со дел од министрите во неговата Влада побегнаа во Брисел.
Шпанските власти против Пуџдемон распишаа налог за апсење и можно е тој да биде уапсен ако дојде на територија на Шпанија.
Приврзаниците на Пуџдемон предложија тој да владее од Брисел со помош на видео линк или преку полномошник. Но, Уставниот суд на Шпанија ја отфрли таа можност, нагласувајќи оти тој мора лично да присуствува на седницата на која треба да положи заклетва за регионален лидер.
Каталонскиот Парламент има два месеци да се договори за кандидат, што дава простор за намалување на тензиите и за ослободување на притворените сепаратисти, а можно е и да му се дозволи на Пуџдемон да се врати во земјата без да биде затворен.
На парламентарните избори во Каталонија во декември сепаратистите освоија 70 од вкупно 135 места.
Ново на Сител
-
Белата куќа: Секоја земја која неправедно постапува кон САД ќе биде цел на дополнителни царини
-
Иванова второпласирана на велосипедскиот маратонот во Камбрилс
-
Од 14 април почнува заедничката гранична контрола на граничен премин Долно Блаце-Елез Хан
-
Реакции поради пресудата за Марин Ле Пен
-
Забрана за сообраќај на возила на грчкиот остров Парос поради силното невреме
-
Кривична пријава против полициски службеник за оддавање службена тајна
-
ФФМ отвори постапка поради нечовечкото однесување на навивачите на ФК Шкендија
-
Маск ја осуди одлуката на Францускиот суд против Марин Ле Пен опишувајќи ја пресудата како „злоупотреба на правосудниот систем“