Македонија
24. April 2016 - 9:24

Одбележување на Европската недела на имунизација

Под мотото „Заштити, спречи, вакцинирај!“ денеска во Зоолошката градина во Скопје ќе се одржат активности за одбележување на Европската недела на имунизација, во организација на Министерството за здравство, Здравствениот дом Скопје и Институтот за јавно здравје.

Ќе учествуваат ученици од повеќе основни училишта од Скопје, деца од хорот „Златно славејче“ и претставничка од Детскиот Евросонг. Ова е 11. одбележување на Европската недела на имунизација, кое се организира во соработка со Канцеларијата на Светската здравствена организација во Македонија.

Од Министерството за здравство истакнуваат дека континуирано се грижат за здравјето на децата и го осовременуваат календарот за имунизација. Потсетуваат дека од минатата година првпат се воведени поливалентни вакцини во Македонија. Комплетно е почната вакцинацијата со петвалентни и шествалентни вакцини, од кои веќе се потрошени околу 50.000 дози. 

- Со поливалентните вакцини значително се намали бројот на боцкања, од 13 на 7 пати во периодот до 18 месечна возраст. Со само едно боцкање најмладите се штитат од многу болести, а со редовната вакцинација постигнуваме колективен имунитет и стабилна епидемиолошка состојба. Исто така, родителите имаат можност бесплатно да ги вакцинираат децата со вакцина против стрептококни заболувања, која е незадолжителна и е наменета за деца на возраст од шест недели до пет години. Оваа вакцина штити од повеќе заболувања, како што се тешки пневмонии, воспаление на увото, менингит, особено кај малите деца и децата со намален имунитет, соопштуваат од Министерството за здравство.