Македонија
10. August 2018 - 12:16

Одбележана годишнина од загинувањето на бранителите кај Љуботенски Бачила

Во спомен на загинатите припадници на Армијата на Република Македонија кај месноста Љуботенски Бачила во 2001 година, делегација од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија предводена од командантот на Полкот за специјални операции, бригадниот генерал Методи Хаџи Јанев, денеска положи цвеќе пред нивниот споменик во Љубанци.

Пред споменикот цвеќе положија и претставници на Kабинетот на претседателот на Република Македонија и Kабинетот на Владата, како и од општина Бутел,здруженија на загинати борци, семејства на загинатите и други. 

На 10 август 2001 година, воено товарно возило на АРМ на патот кај месноста Љуботенски Бачила нагази на две противтенковски мини.

Животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, сите припадници на резервниот состав на АРМ од гарнизонот Скопје. 

Претседателот на Здружението на загинати бранители од 2001 година Владо Стојановски, рече дека Здружението ги штити интересите на семејствата на загинатите.

- Има уште нерешени прашања, се работи за вработување на деца, дел од обештетувањето не е завршено и станбено прашање. Тие се три клучни прашања, иако 97 проценти се завршени, не сакаме одредени семејства да бидат деградирани, туку сакаме да бидат изедначени како сите други, изјави Стојановски.

Претходно денеска цвеќе беше положено и пред споменикот во Волково.