Од што боледува Бајден, кои се неговите опции за лекување?
На поранешниот американски претседател Џо Бајден му е дијагностицирана агресивна форма на рак на простата која се проширила на неговите коски. Бајден ја добил веста во петокот откако минатата недела посетил лекар поради уринарни симптоми.
Што е рак на простата и кои се неговите опции за лекување?
Ракот на простата влијае на ткивото на простатата, делот од машкиот репродуктивен систем. Според описот на британската Национална здравствена служба NHS, обично се развива бавно, па затоа често може да расте незабележано со години. Тоа значи дека некои луѓе можат да живеат со децении без потреба од лекување. Но, тоа исто така значи дека симптомите често не се појавуваат сè додека ракот не е веќе напреднат.
На Бајден му е дијагностициран по уринарни симптоми, еден од најчестите знаци на рак на простата. Тоа е затоа што често се открива само кога простатата е доволно голема за да влијае на уретерот, цевката што го поврзува мочниот меур со пенисот. Тие симптоми може да вклучуваат потреба за почесто мокрење, како и бавен или слаб млаз на урина.
Скринингот за рак на простата е дел од рутинските претседателски здравствени прегледи, според д-р Џефри Кулман, поранешен лекар во Белата куќа во времето на претседателот Барак Обама.
Ракот на простата е втора водечка причина за смрт од рак кај американските мажи, покажуваат податоците на Американското здружение за рак, веднаш зад ракот на белите дробови.
Според проекциите на Американското здружение за рак, оваа година се очекува да има повеќе од 300.000 нови случаи во САД, односно на еден од осум мажи ќе им биде дијагностициран рак на простата во текот на животот.
– Иако „не е невообичаено“ на мажите во нивните 80-ти години да им бидат дијагностицирани рак на простата, степенот и стадиумот на ракот на Бајден се „понапредни отколку што би се сретнале повеќето мажи“ при дијагнозата, изјави за Би-Би-Си д-р Рајан Клири, уролог во MedStar Health.
Што е Глисонов резултат?
Ракот на простата кај поранешниот претседател „се карактеризира со Глисонов резултат од 9“, се вели во соопштението канцеларијата на Бајден во кое се објавува неговата дијагноза.
Глисоновиот резултат е најчестиот начин за оценување на веројатноста за напредување и ширење на болеста – познат и како метастатски рак. Поточно, се однесува на тоа колку абнормално изгледаат клетките на ракот во примерок под микроскоп. Скалата се движи од шест до 10, при што поголем број укажува на поагресивен рак. Скалата започнува од шест бидејќи се пресметува со комбинирање на двата најчести модели на клетки на ракот пронајдени кај пациент. Најнискиот резултат доделен на клетките на ракот е три. Затоа најнискиот Глисонов резултат за дијагноза на рак е шест.
Глисоновиот резултат од девет, како оној на Бајден, значи дека станува збор за „рак од висок степен“. Клетките на ракот со резултат од девет изгледаат многу абнормално и веројатно е дека брзо ќе растат.
Кои се опциите за третман на Бајден?
Во случајот на Бајден, ракот е агресивен по природа и веќе се проширил на неговите коски.
Според д-р Џамин Винод Брамбхат, уролог во Орландо Хелт Медикал Груп, ова ниво на ширење ги ограничува опциите за третман.
– Иако постојат медицински третмани како што се хемотерапија, стероиди и хормонска терапија, ниту еден од нив не е „излечив“, вели Брамхат.
„Постојат повеќе медицински опции за стабилизирање на пациентот и контрола на ракот, но никогаш не се ослободува целосно од ракот“, додава тој.
За ракот на Бајден се смета дека е чувствителен на хормони, што значи дека користи хормони за раст или развој.
Овие видови рак можат да се контролираат со лекови кои го блокираат или намалуваат количеството хормони во телото.
Д-р Брамбхат смета дека ова иако „отвора комплет алатки“ на опции за третман за Бајден, ќе бидат потребни „недели или месеци“ за да се види како ќе реагира.
Д-р Кулман, пак, вели дека Бајден би можел да влезе и во „напредни клинички испитувања“ ако ги исполнува критериумите за тоа.
Бајден и неговото семејство ги разгледуваат сите опции за третман.
Каква е неговата прогноза?
Канцеларијата на Бајден во вчерашното соопштение наведе дека ракот бидејќи изгледал чувствителен на хормони, тоа „овозможува ефикасно лекување“.
Целосните детали за случајот на Бајден не се познати. Д-р Клири посочува дека „општо земено, околу една третина од пациентите живеат пет години по метастатски рак на простата“.
Напредните фази на рак на простата можат да го ограничат животниот век на една личност и да доведат до симптоми што го отежнуваат секојдневниот живот.
Д-р Кулман опишува „10 до 15 години функционирање“ кога се разгледуваат агресивни третмани за рак и смета дека е важно да се земат предвид третмани кои би го одржувале квалитетот на животот на Бајден во следните неколку години.
„Ако има некаква инспирација во ова, тоа е да одите и да се проверите без разлика дали имате симптоми или не“, рече д-р Брамбхат.
Состојбата со рак на простата во светот и во Македонија
Ракот на простата е најчеста малигна болест кај мажите, па дури и втора најсмртоносна болест. Во светот на секои три минути еден маж е дијагностициран со рак на простата, а на секои 13 минути по еден маж умира од оваа болест.
Секоја година во светот се појавуваат над 1,2 милиони новодијагностицирани случаи на рак на простата, а тој број од година во година расте. Се предвидува дeка ќе порасне на 2,9 милиони годишно до 2040 година, со зголемување на смртноста за 85 отсто. Ракот на простата е на прво место во САД, а во Европа е на второ место за смртоност од карциноми кај мажи по белодробниот канцер.
Инциденцата на овa заболување во Македонија е 27,1 случаи со рак на простата на 100.000 жители. Годишно од болеста, која е на второ место по смртност кај мажи, заболуваат околу 70 нови пациенти, а дури 90 отсто се откриваат во доцна фаза кога потполно излекување не е можно. Карциномот на простатата доколку се открие навремено со навремена терапија доведува до излекување во 98 отсто од случаите.
Ново на Сител
-
Путин по разговорот со Трамп: Подготвени сме за работа на меморандум со Украина, вклучувајќи и примирје
-
Папа Лав Четиринаесетти: Момент е за дијалог и градење мостови
-
Венс: Доколку Русија не сака да се вклучи во преговорите, САД ќе мора да кажат дека „ова не е нивна војна“
-
Утре облачно, од среда со попладневен локален пороен дожд
-
Од утре тим специјалисти ќе ја утврдува состојбата на секој пациент од пожарот во Кочани
-
Кривична за градоначалникот на Крива Паланка, дозволил поставување урбана опрема на угостителски објект без да се исполнат условите
-
Лекари: Ракот на Бајден е неизлечив, но има добри вести
-
Од што боледува Бајден, кои се неговите опции за лекување?