Македонија
8. February 2022 - 16:36

Од денеска дигитални решенија за изолација

Решение за изолација од денеска ќе се добива единствено по електронски пат, а податоците нема да се јавно објавени. Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека опцијата веќе е достапна преку платформата Вакцинација.мк и сите кои се позитивни на вирусот и нивните контакти кои подлежат на изолација сами ќе може да ги преземат решенијата по електронски пат штом ќе бидат внесени во системот.

Процедурата е иста и за децата и за возрасните. Се пристапува преку Вакцинација.мк или преку интернет страната на Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Таму има линк кој дирекно води до порталот за вакцинација. Има две опции за најава: со корисничко име или преку порталот за е-услуги. Кога ќе кликнете на најава со корисничко име потребно е да се внесе матичен број и лозинка. Доколку до сега не сте регистрирани има опција за регистрација, како и опција за промена на лозинка доколку старата е заборавена. Со најавата на корисникот му е достапно решението за изолација, како што се достапни во секое време сертификатите за вакцина или за прележан Ковид-19. Со опцијата „преземи“ корисникот веднаш во електронска форма го добива документот, за кој до сега се чекаше и по неколку денови.