Македонија
20. September 2021 - 16:52

Обвинителството во Прилеп отвори предмет за оштетената табла за електрична енергија пред модуларната болница

Јавното обвинителство во Прилеп денеска отвори предмет за инцидентот со скршената табла за електрична енергија во прилепската модуларна болница.

Јавниот обвинител Маријана Илиеска, истакна дека обвинителството започнува предистражна постапка за да открие дали има кривично дело што се гони по службена должност.

Во текот на денот ќе се пуштела и наредба до полицијата за да им ги предаде сите собрани докази во насока на расветлување на случајот. Од прилепското обвинителство велат дека реагираат по допрен глас, односно по пишувањето на медиумите.

И од МВР и од Министерството за здравство велат дека засега немаат нови детали за целиот случај.

Инаку во саботата вечерта е откриено дека непознат сторител или сторители ја оштетиле вратата на електричната табла што се наоѓа до модуларната болница во Прилеп. Според директорката Кети Смилеска сепак се уште не е јасно кога насилно е искршена вратата од елетричната табла, дали во саботата вечерта или некој друг ден. Инаку обезбедувањето го забележало инцидентот вечерта во саботата околу 21 часот кога од невремето и силниот ветар се отворила вратата од таблата и започнала да тропа. Прво мислеле дека таа е отворена поради силниот ветар, но потоа забележале дека е насилно отворена и случајот го пријавиле во полицијата. Од полицијата ги зеле сите снимки од безбедносните камери во болницата.

„Веднаш после пожарот во модуларната болница во Тетово, ние во прилепската модуларна болница направивме дополнително испитување на сите ПП апаратите, а дополнителна проверка од стручни лица беше направена и на сите останати електрични апарати во болницата. Исто така го згоемиивме и обезбедувањето на самиот објектот“, телефонски ни истакна Кети Смилеска директорка на општата болница во Прилеп.

По најновиот инцидент по барање на болницата сега во ноќните часови е зголемено и присуството на полицијата во кругот на болницата.