ОЈО ќе го испитува случајот со заканите од 7-мо одделенецот во Битола
Обвинителството во Битола ќе го проверува случајот со 7-мо одделенецот кој наводно се заканувал по животот на своите соученици. Во ОЈО Битола пристигнала пријава за настанот.
- До Основното јавно обвинителство Битола е доставена пријава, се вршат проверки на наводите во соработка со Центарот за социјални работи, бидејќи пријавеното дете е под возраста за кривична одговорност“.
Родител на малолетникот е повикан на разговор во полицијата, откако училишниот менаџмент пријавил за настанот. Од СВР Битола за Сител велат дека се преземаат и други мерки за расчистување на случајот. Дали се точни наведените закани,од кого произлегуваат и дали можеби се вмешани и други лице ќе покаже истрагата.
Училишниот одбор побарал мерки за безбедност од полицијата.
Од страна на училиштето, до СВР Битола е побаран мониторинг и заштита, а навремено е одобрена поддршка од полиција (постојан мониторинг од страна на цивилни полициски службеници додека трае наставниот процес во училиштето). Одборот апелира на воздрженост, разумност и смиреност и редовно присуство на учениците на настава.
Во јавноста се појавија фотографии пресликани од социјалните мрежи кои учениците ги споделуваат, со текстот во кој наводно овој ученик се заканува. Во објавите го има датумот 18 мај и пишува- ќе ги посетам за брзо.
Според објавите, малолетникот по пријавата од родителите и вчерашната одлука на училиштето да следи настава онлајн, повторно објавил неколку пораки на Тик-ток. Меѓу останатото малолетникот наводно напишал дека не им се плаши.
Директорот на училиштето за Сител вели, да не се потпаѓа под шпекулации бидејќи кај нив нема доказ со конкретна закана по живот ниту списоци за отстрел како што наведуваат дел од медиумите.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
